По повод Меѓународниот ден на жената собраниска делегација во Брисел

Европскиот парламент во пресрет на Меѓународниот ден на жената - 8 март и оваа година ја продолжува традицијата на организирање на специјални настани за негово пригодно одбележување. На овие настани утре и задутре во Брисел ќе учествуваат пратеничките Лилјана Поповска, Лилјана Кузмановска, Шпреса Кадри и Солза Грчева.

Комисијата во Европскиот парламент за правата на жените и родовата еднаквост организира два настани - Интерпарламентарен состанок на тема: „Зајакнување на положбата на жените и девојките преку образованието“ и Интерпарламентарна конференција посветена на „Политичкото учество на жените во земјите од Западен Балкан и Турција", што ќе се одржат на 4 и 5 март 2015 година во Брисел, Кралството Белгија.

Свое пригодно обраќање на Конференцијата, покрај неколку потпретседатели на Европскиот парламент, претседателот и потпретседателот на Комисијата на Европскиот парламент за правата на жените и родовата еднаквост, ќе има и пратеничката Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

На Интерпарламентариот состанок од Европската комисија најавено е учеството на еврокомесарот за правда, потрошувачка и родова еднаквост, Вера Јурова.

Овие настани имаат за цел да поттикнат поширока дебата меѓу европарламентарците и парламентарците од националните парламенти на земјите од Западен Балкан и Турција за овие прашања, за кои иако изминативе години е постигнат голем напредок, сепак и понатаму претстои долг пат за натамошно унапредување на правата на жените и родовата еднаквост.

Како што соопшти собраниската прес-служба, се очекува висок степен на учество на парламентарци од поканетите национални парламенти, како и обраќања од реномирани европарламентарци, експерти и други афирмирани учесници кои имаат особен придонес во оваа област.

 

 

 

Оцени ја веста

03.03.2015 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега