Средба Иванов-Рејндерс: Одлични односите меѓу двете земји

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими Дидие Рејндерс, заменик-премиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија.

Двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија. Заедничка констатација била дека односите и соработката меѓу двете земји имаат позитивна развојна динамика, а особено задоволство било истакнато од фактот што трговската размена меѓу двете земји е во континуиран пораст.

Македонскиот претседател ја поздрави и соработката во другите области, особено во областа на одбраната, здравството, внатрешните работи, труд и социјална политика, животната средина.

На средбата биле разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Претседателот Иванов истакнал дека членството во Европската унија и во НАТО останува највисок приоритет за Република Македонија, за што земјата посветено ги исполнува преземените обврски.

- Поради предолгата статус-кво состојба во интеграциите, Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи, истакнал претседателот Иванов на средбата, потенцирајќи дека позитивните примери на паралелно движење на преговорите за членство и надминувањето на билатералните разлики, треба да се примени и во случајот на Република Македонија.

На средбата биле разменети мислења за состојбите во регионот и актуелните случувања на меѓународен план. 

 

 

Оцени ја веста

06.04.2015 - 15:35
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега