Стопанската Комора и ДЗС ја официјализираа соработката

Стопанската комора на Македонија и Државниот завод за статистика (ДЗС) ја интензивираат соработката. Денеска претседателот на Комората Бранко Азески и директорката на Заводот Благица Новковска, потпишаа Меморандум со кој се официјализираше нивната соработка која треба да обезбеди уште поквалитетни, навремени, комплетни информации од двете страни. Институциите ќе се поврзат со дневни линкови за брзо доставување на потребните, точни, релевантни податоци.

- Оценивме дека сега е моментот, пред значајните промени што ќе се случат на глобално ниво и во статистиката и во водењето на економските политики во услови на криза, да ја формализираме нашата соработка на повисоко ниво. Ние ги користиме податоците од ДЗС многу внимателно за да дојдеме до јасни индикатори при предлагањето на нашите мерки, ДЗС, пак, ги користи нашите логистики за да дојде до податоците на правните лица -членки на Комората, рече Азески по парафирањето на документот. 

Тој смета дека со новиот начин на поврзување Комората многу побрзо и поквалитетно ќе ги конципира предлог мерките за подобра бизнис клима, но значително ќе се забрза и нивната испорака до Владата.

- Квалитетните, навремени, меѓународно споредливи статистички податоци се суштина на целиот тој процес. Тоа се факти на кои ја базираме и докажуваме оправданоста на нашите барања, ни овозможуваат аргументирано да настапуваме, без паушални, субјективни, лични согледувања, потенцира Азески.

Според Новковска, за да се добијат релевантни, точни статистички податоци неопходна е соработка со компаниите, но и нивна поддршка. - Статистиката мора да се прилагодува на актуелните, глобални случувања, пред се, треба да воведува нови истражувања, истакна директорката.

Стопанската комора и досега, за своите анализи најмногу ги користеше податоците од ДЗС. Само последнава година, од вкупно земените 105 информации при креирањето на предлог насоките за подобрување на бизнис климата 48 отсто се на ДЗС, за енергетската политика 63 отсто од 350 податоци се на ДЗС и 71 процент од 105 податоци при истражувањето на новите пазари како предуслов за зголемен извоз се исто така на државниот завод за статистика. 

ФОТО: МИА

најчитано сега