Јанакиевски се сретна со Умберто де Прето - еве што си кажаа

Министерот Јанакиески денеска оствари средба со новиот генерален секретар на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ), со седиште во Женева, Умберто де Прето, информираат од Министерството за транспорт и врски.

-На средбата се разговараше за реализацијата и напредокот на повеќе проекти на Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија, меѓу кои и подобрувањето на патната и железничката инфраструктура долж двата паневропски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8 и обновувањето на возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, стои во соопштението на Министерството.

Министерот Јанакиески на Де Прето му ги презентирал активностите кои се преземаат во делот на изградбата на автопатот на потегот Демир Капија – Смоквица и реализирањето на повеќе проекти кои се наменети за подобрување на железничката инфраструктура и транспортот, како што се проектите за ремонт на пругите долж Коридорот 10, рехабилитацијата на железничката станица во Скопје и други 10 железнички станици во Македонија и набавката на нови дизел и електромоторни гарнитури и вагони за потребите на железницата.

Де Прето, пак, ја истакнал стратешката позиција на Република Македонија во развојот на туризмот и трговијата, при што нагласи дека клучно за нивниот развој е континуираното инвестирање во инфраструктурата и ја изрази својата отвореност и поддршка во секој сегмент во сферата на транспортот.

Генералниот секретар на Меѓународната унија за патен транспорт го поздрави начинот на кој во Република Македонија по електронски пат се врши распределбата на транспортни дозволи и изрази заинтересираност на следната распределба да испратат свој претставник кој ќе ја следи со цел претставување на истата како пример на добри практики, се вели во соопштението од Министерството.

На средбата присуствувал и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Мишо Николов и управителот на „Македонија сообраќај – АМЕРИТ“, Златко Кочовски.

најчитано сега