„На Македонија и треба твојата идеја”: Tрибина на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и Дебрца

Претставници на централното раководство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и пратеници на партијата во Собранието, синоќа одржаа политичка трибина со членството и граѓаните на Охрид и на Дебрца, како дел од кампањата „На Македонија и треба твојата идеја” и активностите на партијата за заедничко оформување на програмата на партијата за престојните избори предвидени за април идната година.

- ВМРО-ДПМНЕ е партија која она што ќе го запише во програмата гледа да го исполни. Tоа доведува до фрустрација кај политичките опоненети кои се обидуваат преку деструктивна политика, дури и со загрозување на стабилноста на државата, економијата, меѓународнот углед на државата, да ја стават во заложништво државата и системот, само заради остварување теснополитички интереси, истакна во обраќањето пред присутните во Центарот за култура во Охрид Антонио Милошоски.

Тој укажа дека граѓаните се сведоци што се се случуваше во државата од февруари оваа година, на каков начин преку, како што забележа „со ниски удари и подмолна игра се правеше обид да се оспори јасно искажаната изборната волја на граѓаните.

-  Изборниот успех беше постигнат токму затоа што граѓаните веруваа во реализацијата на она што ќе го видат во нашата програма. Најголемиот политички капитал на партијата е оствареното, како кредит за во иднина да се побара повторно доверба од граѓаните, во насока на реализирање на следните проекти, истакна Милошоски.

Милошоски за актуелната политичка состојба во земјата оцени дека е изгубена цела година за менаџирање вештачки создадена криза, покрената само заради незадоволството што некој не добил поддршка од граѓаните.

-  Не сме тука да водиме злонамерна политика, да омаловажуваме некого, туку да ве сослушаме граѓаните и да видиме што можеме во следниот период да подготвиме како изборна програма, и после истото да го сработиме, истакна Милошоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димоски во обраќањето пред присутните се осврна на три аспекти на актуелната политичка криза во земјата, притоа забележувајќи  на неконзистентниот однос и став на опозицијата кон случувањата во Куманово, прашањето на демократијата и слободата на медиумите во земјата, како и за финансиското работење на државата.

Димоски забележа на неконзистентноста во пристапот на опозицијата кон настаните од Куманово, како обид да искористи еден терористички настан за да добијат политички поени. Тој притоа забележа дека првичниот став на опозицискиот лидер за смислено сценарио, после шест месеци и неодамнешните настани во Париз го промени во став дека исто како и во Франција и во Македонија бил извршен терористички напад со верски радикализам...

По однос слободата на демократијата и медиумите во земјата, Димоски забележа дека на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за тоа што може да се направи во насока на подобрување на состојбите, опозицијата предлага непромислени решенија, од именување човек-институција што целосно самостојно би го контролирал целиот медиумскиот простор, се до зголемување на глобите за медиумите...

-  Опозицијата предлага еден човек да одлучува сам и неговите одлуки да не можат да биде оспорена... По негова лична проценка да одлучува што е непристрасно новинарство, дали некој поддржува хумани вредности, сам тој да одлучува кој ќе живее или не... Од една страна се декларираат принципи на слобода и демократија, а истовремено се предлагаат мерки какви што нема ниту во една демократска држава, рече Димоски.

Третиот дел од обраќањето Димоски го посвети на  актуелните случувања во врска со одлуката на наложениот заменик-министер за финансии, да стави вето на планираната продажба на државни обврзници за сервисирање на обврските во областа на финансирањето.

- Истиот човек кој велеше дека ќе се грижи за пензионерите, сега го загрозува финансиското функционирање на државата. Тоа само покажиува дека станува збор за луѓе на кои зборот не им вреди, рече Димоски.

Учеството на трибината министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски го искористи да потсети на реализираното од страна на Владата изминатите години, како и за текот на проектите што се во поодмината фаза, но и за проектите за чија реализација се чека единствено во изготвување на потребната документација.

Проектите од областа на инфраструктурата тој ги нагласи како придобивка за сите граѓани без исклучок, притоа издвојувајќи ги изградбата на автопатот Охрид – Кичево, изградбата на експресниот патен правец Охрид – Пештани, затворениот базен во Охрид, катна гаража, туристичката патека до Канео, изградба на туристичките развојни „Љубаништа 1“ и „Градиште“, како и изградба на современа марина на Охридското Езеро.

 

 
 
 
 
30.11.2015 - 08:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега