Бесими: Не знам што му пишал Самарас на Груевски

Членството во Европската унија е една од стратешките определби на Македонија. Остануваме отворени и конструктивни на тој пат за да се надминат сите предизвици, вклучувајќи го и отвореното прашање за името, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

Одговорајќи на новинарски прашања, Бесими рече дека за да се дојде до решение потребна е вклученост од двете страни. Вели дека не е информиран за содржината од писмото што Самарас му го испратил на премиерот Никола Груевски.

- Интерес на Македонија е да биде членка на ЕУ, но истовремено тоа е интерес и за Унијата и за Грција. Треба заедно да вложиме напори за да ги надминеме сите предизвици и што поскоро Македонија да стане членка на Унијата зашто ЕУ е меѓу другото концепт што во себе вклучува и проширување, а тоа се уште не е завршено за Западен Балкан, истакна Бесими.

Според него, оптимистички резултати се зачленувањето на Хрватска во ЕУ и постигнувањето договор меѓу Приштина и Белград.

- ЕУ продолжува со определбата за проширување. Тоа е добрата вест и треба да настојуваме да бидеме дел од прогресот во однос на членството, додаде вицепремиерот Фатмир Бесими

најчитано сега