Бонева: Правото на граѓаните да избираат не смее да биде условено со волјата на политичка партија да учествува на избори

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно одлучи кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери да го добие редниот број 1 на гласачкото ливче за претстојните парламентарни избори на 5 јуни.

Како што рече претседателот на ДИК Александар Чичаковски, по оваа точка е беспредметно да се расправа зашто кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е единствена потврдена од Комисијата.

По гласањето, реагираа членовите на ДУИ Субхи Јакупи и на СДСМ, Виолета Дума, и Игор Милев.

Според Јакупи, досега во македонскиот плурализам не се случило на избори да биде поднесена само една листа поради што ДИК, на работен состанок, треба да поразговара, дали има уставна поткрепа за вакво нешто.

– Првпат во Македонија ќе се оди на избори со една листа. На граѓаните, согласно Уставот и темелните вредности, треба да им се овозможи слободно да избираат. Во моментов, имаат само една листа што значи дека немаат избор, рече Милев и предложи, утре ДИК да одржи работен состанок за оваа тема, како и јавна седница, но и да се информира Собранието на РМ за новонастанатата ситуација зашто тоа распишува избори.

Став искажа и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ која нагласи дека на потврдената листа не се наоѓа само една партија, туку се вкупно 21, а секоја партија и секој граѓанин, нагласи, согласно Уставот, има право самостојно да одлучи дали ќе учествува, односно ќе бира избори.

Бонева забележа и дека ова не е првпат во Македонија да има избори со само една листа.

– Во Македонија имаше избори не со една коалиција од 21 партија, туку со само еден кандидат, од една партија. ДИК треба да ги има предвид Уставот на РМ, неговите телени вредности и особено основните слободи и права на граѓаните дефинирани со членот 20 кој, меѓу другото, им гарантира и слободно здружување, што подразбира и здружување во политички партии. Ако се гарантира слободата на здружување во политички партии, му се гарантира на гараѓнинот и слободно да избира и да биде избран. Кога ќе се распишат слободни избори, слободна волја е на политичките партии да одлучат дали ќе учествуваат или не на тие избори и никој никого не може да присили да учествува или да му го одземе тоа право, потенцира Бонева.

Според неа, воопшто не е потребно ДИК да се навраќа на ова прашање зашто Комисијата не е таа што може да одзема права, туку треба да спроведува избори согласно Уставот на РМ, уште повеќе што, повтори, не се работи за една политичка партија, туку за 21.

И една партија да се кандидирала, додаде, слободна волја и оценка на граѓаните и партијата е, дали ќе одат, односно ќе бираат на избори.

За утре е договорено, доколку се закаже седница, на дневен ред да се стави и предлогот на Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, за пополнување на дел од Општинските изборни комисии.

 
 
15.05.2016 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега