ВМРО-ДПМНЕ: Тргувањето со националните интереси ги подгрева апетитите

Поигрувањето и тргувањето со највисоките државни и национални интереси ги подгрева апетитите на разни структури кои не и мислат добро на Република Македонија, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштение до медиумите потенцираат дека вчера вандали се дрзнаа да го симнат државното знаме, сред бел ден, во центарот на Куманово и дека албанскиот премиер Еди Рама, како што велат, продолжи со омаловажување кон македонскиот народ именувајќи не како славомакедонци и индиректно порача дека доколку Македонија не го смени името и не се избори за влез во ЕУ, како и другите држави во регионот, тогаш би се разбудиле оние идеи за промени на границите.

- Тоа е истиот Еди Рама кој ги собра лидерите на албанските партии од Република Македонија и ги обедини околу тиранската платформа. На општа зачуденост и осуда од сите Македонци, Зоран Заев и СДСМ позитивно се изјаснија околу платформата. Јавноста беше сведок на потврди од сите страни дека СДСМ се согласил на двојазичност, промена на парите и униформите. Јавноста го слушна Заев како е подготвен да отвори дебата за промена на името, знамето и химната. Граѓаните видоа дека е договорена кантонизација, а реформаторот на Заев, Зијадин Села најави и федерализација на земјата, се вели во соопштнието од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев, се додава, е силно уценет и знае дека ќе треба да издржува долгогодишна казна затвор и затоа мисли дека единствениот спас му е да се дограби до власт без поддршка на народот.

- Тој и криминогеното раководство на СДСМ мислат дека ќе избегнат долгогодишни затворски казни доколку ги распродадат највисоките државни интереси и се согласат на целосно разнебитување на Македонија, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се нагласува дека тоа нема да им помине, бидејќи народот е на нозе. 

 

 

 

01.04.2017 - 11:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега