СДСМ и ДУИ немаат план Б: Се бара термин за нови избори во Македонија

Никој не може да предвиди до кога ќе трае конститутивната седница на Собранието и дали евентуалниот избор на Претседател на законодавниот дом ќе значи и отворање на простор за формирање на нова Влада.
И покрај тоа што во Собранието веќе постои декларирано собраниско мнозинство, обидот да се инсталира платформата на Еди Рама стави рампа на патот до формирање на новата Влада.
Повеќе од една недела тече собраниската дебата во која пратениците не штедат тешки зборови ниту во своите реплики ниту пак во т.н. процедурални забелешки.
Според собраниската статистика, најголем дел од процедуралните забелешки доаѓаат токму од редовите на СДСМ. Партијата на Заев вчера се откажа од репликите но реши да го задржи форматот на „процедурално“ забележување на говорите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие пак вложуваат максимални напори да се развие дебата за платформата на Еди Рама и бараат од СДСМ јавно да се откаже од неа, а во замена нудат две опции, поддршка за малцинска влада или одржување на нови предвремени парламентарни избори.

И додека се чека простор за избор на нов претседател, Собраниското мнозинство се тенчи од ден во ден.
Иако БЕСА јавно кажа дека ја дава поддршката за Заев да го добие мандатот од Иванов, од партијата велат дека нема да гласаат за нова влада се додека не биде изгласана платформата на Еди Рама.
Без БЕСА, СДСМ, ДУИ и партијата на Села би останале со 62 пратеници, што е доволно за мнозинство но и на Бихаќка и во Мала Речица знаат дека таквото мнозинство нема да донесе ниту стабилна Влада ниту пак можност за креирање политики.

Во таква ситуација се поизвесно е дека излезот од кризата ќе биде организација на нови предвремени избори, а според експертите прашањето веќе не е дали, туку кога ќе се случат.

„ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира Влада, а прашање е дали и СДСМ ќе успее да формира Влада. Оттука порано или подоцна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ако не бидат упатени едни на други за формирање на Влада на голема или широка коалиција, ќе бидат упатени едни на други на политички дијалог за излез од политичката криза, а тоа ќе вклучува и нови избори“ – изјави политичкиот аналитичар Сашо Клековски во интервју за Press24 викендов.

Последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје, покажува дека во последните неколку месеци рејтингот на СДСМ паѓа а расте довербата во ВМРО-ДПМНЕ. И ДУИ е во слична ситуација во пресметката со конкурентската БЕСА. Во такви услови, според аналитичарите извесно е дека Заев и Ахмети нема да се согласат со брзи избори бидејќи ќе загубат значителен дел од поддршката, па ќе се прават напори преку разни притисоци да се направи деблокада на Собранието, но и тука се јавува проблем особено ако се знае историјата на двете партии поврзана со бојкот на работата на највисоката државна институција и блокадите на законските решенија кои ги правеа во претходните мандати.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ, остане на своите позиции, дебата во Собранието може да трае и до почетокот на есента, кога според аналитичарите можеби ќе биде и најдобро време за организација на нови избори. Сепак, тоа ќе биде одлука на мнозинството кое во моментов го контролираат СДСМ и ДУИ. Од нивната проценка кога ќе поминат најдобро пред граѓаните ќе зависи и организацијата на изборите. 

 

 

 

06.04.2017 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега