Лазаров: Одличен старт за нас, уште сега потпишуваме за нерешено со Германија

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, на денешниот брифинг со новинарите во Загреб зборуваше за победите против Словенија и Црна Гора, како и за она што не очекува на последниот натпревар против Германија - пишува Спорт Клуб.

Македонија го има најдобриот старт во својата историја на едно ЕП. Две победи на првите два натпревари и тоа против незгодни противници како Словенија и Црна Гора. Капитенот Лазаров истакна дека е задоволен од почетокот на шампионатот.

„Ова е одличен старт за нас на едно Европско првенство. Од два натпревари имаме две победи и тоа против квалитетни противници како Словенија и Црна Гора. Одигравме два тешки натпревари, во коишто во сите 60 минути не се знаеше победникот, односно се одлучуваа во последните мигови. Тоа ми дава надеж дека на последниот меч ќе настапиме со уште поголема самодоверба, затоа што истата ја стекнавме во овие 120 минути со одлична игра во нападот и одбраната“, изјави Кире Лазаров.

По двете тешко извојувани победи, на ред е дуелот со актуелниот европски првак Германија во битка за прво место во групата. Лазаров истакнува дека Германците се можеби најдобра репрезентација на ова ЕП, но воопшто не треба да се плашиме од нив.

„Знаеме со кој играме, Германија е европски шампион, можеби и најквалитетната и најдобра по ростер репрезентација во овој момент на ЕП. Меѓутоа ни дава за право да се надеваме, гледајќи го мечот вчера со Словенија и она што се случуваше, дека може да се игра и против една таква Германија и воопшто не треба да се плашиме од името на противникот, туку напротив да ја играме нашата игра. Остануваат повеќе од 24 часа за да одмориме и мислам дека имаме многу што да покажеме. Вчера победивме меѓутоа имаше мало незадоволство кај нас поради некои сегменти од играта и сметам дека мораме подобро против Германија“, изјави Лазаров, кој на крајот се осврна на нашиот состав, како и на играчите од клупата кои добија шанса и максимално ја искористија.

„Имаме добар ростер, добивме квалитетни играчи кои што можат да помогнат и кои што ќе бидат од круцијално значење за остатокот од ЕП, да не ги именувам сите по ред меѓутоа тоа што го спроведуваат на терен е многу важно за да не растеретат, за репрезентациите против кои играме да им биде многу потешко, да размислуваат и да се подготвуваат за повеќе играчи во нашиот тим, за противничките голманите да бидат фокусирани на повеќе наши играчи, да знаат дека има поголема опасност од повеќе страни. Што се однесува до самиот меч со Германците, имаме нерешено од Ниш пред 6 години, тоа е позитивен резултат… Потпишуваме веднаш за нерешено против нив“, изјави низ смеа Лазаров.

 

 

 

16.01.2018 - 15:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега