Димитров топ тема во Грција: „Ако беше само името, проблемот ќе беше решен“

„Ако беше само името, проблемот со Грција ќе беше решен“, е еден од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми на текстот за интервјуто на шефот на македонската дипломатија за регионалната телевизија „Н1“.

Медиумите во Грција го пренесуваат текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА, во кој акцентот е ставен на ставовите на Никола Димитров околу разговорите за името.

-Името е само еден аспект во спорот со Грција. Да беше само одредницата во името, лесно ќе го решевме проблемот, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервјуто за балканската телевизиска мрежа „Н1“, пишува грчката новинска агенција на почетокот од текстот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, медиумите во Грција го пренесуваат ставот на Димитров дека се водат тешки преговори за решавање на спорот и да се исправат грешките од минатото.

- Одлучен да го реши проблемот со името со ПЈРМ во текот на годината и отворен за компромис во однос на следните чекори во преговорите настапи министерот за надворешни работи на соседната земја, Никола Димитров, кој испрати и конкретна порака како до внатрешноста на земјата, така и до Атина, пишува електронското издание на весникот „Ефимерида тон сидактон“ и ја цитира изјавата на Димитров дека преговорите се во деликатна фаза и„ колку сме експлицитни во јавноста, толку се отежнува целиот процес“.

Грчките медиуми, во текстовите објавени на електронските изданија, го пренесуваат и ставот на шефот на македонската дипломатија и во однос на тоа дека нема талент за музика за да го следи примерот на неговиот српски колега.

-На барање на новинарката од „Н1“, во разговорите со господинот Коѕијас да ја следи специјалната дипломатија на Ивица Дачиќ кој му пееше на грчкиот министер, господинот Димитров одговори дека неговите уметнички грижи се распаднаа уште кога бил мал, кога открил дека нема талент, коментира грчката државна телевизија ЕРТ, и ја пренесува изјавата на Димитров дека ако го користи методот на пеење во дипломатијата, може само да има спротивен ефект. 

 

 

 

18.04.2018 - 09:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега