Почнува академската 2013/2014 година - со среќа!

Студентите од денска им се враќаат на клупите и книгите. Првиот академски час од новата 2013/2014 година свечено ќе биде одбележан на факултетите, а на некои и во присуство на претставници на Владата.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ќе има свое обраќање на првиот академски час на Економскиот факултет на Скопскиот универзитет, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски ќе присуствуваат на првиот академски час на Природно-математичкиот факултет, додека заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири ќе биде на Државниот универзитет во Тетово.

Оваа година на петте јавни универзитети, во Скопје, Битола, Тетово, Штип и Охрид, беа слободни 25.624 места за нови студенти. Од нив, 10.351 беа на Универзитетот во Скопје.

Кадарот од природно-математичките и од техничките науки е дефицитарен  и затоа Министерството за образование и наука апелираше кандидатите да размислат за нив зашто ќе имаат повеќе можности за работа по дипломирањето.

За редовните студенти во државната квота, годишната партиципација на факултетите е 200 евра, додека за студентите што ќе си ги кофинансираат студиите, цената за една студиска година е 400 евра. Со одлука на самите факултети, има и пониски цени. Како и досега, цената на дисперзираните студиски програми е 100 евра годишно.

За упис во прва година на државните универзитети имаше два рока - во август и во септември. Факултетите кои не се наполнија во двата рока, ќе запишуваат студенти и утре.

16.09.2013 - 09:22