Работилница за подобро искористување на ЕУ фондовите во Тетово
Над 400 проекти поддржани од Европската унија моментално се спроведуваат во Северна Македонија, информира раководителот на одделот за соработка во делегацијата на ЕУ во Скопје Николо Бертолини на денешната работилница што се одржа во Тетово со претставници на општините, невладини организации, бизнис зедницата, фармери и граѓани. Бертолини посочи дека 40 отсто од овие проекти се спроведуваат во општините, а шест отсто се наменети за невладиниот сектор.
– Со овој начин на распределба на средствата и проектите сакаме да покажеме дека со влезот на земјата во големото семејство на ЕУ сакаме да ги поддржиме сите во целата држава, а не само на централно ниво. Денешната работилница во Тетово доаѓа по претходно десет одржани вакви работилници низ целата држава, на кои сакаме подобро да ги запознаеме проблемите директно од сите чинители на локално ниво за да им помогнеме полесно да добиваат средства од ЕУ фондовите што стојат на располагање, рече Бертолини.
Во однос на состојбите од претходните години, кога голем дел од средствата од ЕУ фондовите остануваа неискористени, Бертолини рече дека имало проекти што не биле спроведени како што треба, како и неискористување на определени фондови, но оти во последниот период се забележува мало подобрување во таа насока.
Денешната работилница во Тетово за подобро искористување на средствата од ЕУ фондовите е во рамките на кампањата „ЕУ за ТЕБЕ”.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа