Поставен камен-темелник на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Вевчани

Премиерот Никола Груевски денеска, на празникот „Свети великомаченик Георгиј Победоносец“ заедно со митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и вевчанскиот градоначалник Цветомир Угриноски присуствуваше на поставувањето камен-темелник за возобновување на црквата „Свети великомаченик Ѓорѓи“ во Вевчани.

- Нека свети Ѓорѓи ја закрепи верата и љубовта, да можете и верата да ја сочувате, но и себеси да се запазите онака како што биле вашите претци. Свети великомаченик Ѓорги нека ги услиши нашите молитви и дај боже, оваа црква, овој манастир час поскоро да биде изграден, рече владиката Тимотеј. 

- Голема е честа што како градоначалник заедно со премиерот Груевски и со владиката Тимотеј ставаме камен-темелник за возобновување на православниот храм посветен на Светиот великомаченик Георгиј. Ние како вевчанци и како добри домаќини преку Портата и преку овој храм, уште еднаш јасно ја испраќаме пораката за меѓусебна толеранција, соживот и разбирање, независно од нашата етничка и верска припадност, истакна Угриноски. 

Освен во Вевчани, по повод Велигденските празници, премиерот Груевски вчера ја посети и Струга каде што во православниот храм „Свети Ѓорѓија“ им го честита големиот празник на православните верници.

најчитано сега