Економист: Европа им покажа среден прст на „Северномакедонците“

„Ги натеравме да си го сменат името, а потоа им покажавме среден прст“, е изјавата на неименуван европски дипломат дадена за британскиот весник Економист, по поразот на Европскиот совет во Брисел.

Според Економист, во статијата насловена „На француско барање, Северномакедонците останаа надвор“, се вели дека Франција донела бизарна одлука да го блокира проширувањето на ЕУ која ќе предизвика потрес низ регионот. Весникот јавува за падот на Владата на Заев веднаш по Европскиот совет и предвидува можна победа на опозицијата која е против Преспанскиот договор. Економист потсетува дека и актуелната Влада на Грција не е задоволна со договореното.

Во статијата на британскиот новинар Тим Џуда, тој го користи изразот „Северномакедонци“ или „Северни Македонци“ за Македонците, спротивно на ветувањата на Владата на Заев дека со Преспанскиот договор обезбедил почитување на македонскиот идентитет пред светот.

Дури и самиот Џуда, кој беше силен промотор на идејата Македонија да го смени името, прозван од грчки коментатори во јануари годинава гарантираше дека тој ќе го користи името Македонци, а не „Северномакедонци“, ветување кое траеше нецела година. Откако денес беше прозван по втор пат, овојпат од Македонци, на социјалните мрежи, Џуда најави дека ќе побара од уредниците да го сменат насловот.

Како резултат на блокадата на Франција, британскиот весник предупредува дека е можно да дојде до зголемено влијание на Русија, Кина и Турција во регионот.

„Србија се подготвува да потпише договор за слободна трговија со Евроазиската економска зона, водена од Русија, а купува и руско оружје. Кина и Турција го зајакнуваат своето влијание. Блокадата на Балканот ќе биде голема грешка, предупредува претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. Ако сакаме да не почитуваат, мораме да ги исполнуваме нашите ветувања“, пренесува Економист.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.10.2019 - 09:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега