Јанчев нема да формира политичка партија - Тортевски сака пет пратеници

Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев, за „Независен весник“ вели дека нема амбиции да учествува во предвремените парламентарни избори.
„Имам премногу обврски како градоначалник на Кавадарци и сакам да го исполнам тоа што го ветив – градот да биде убаво и пристојно место за живеење“, вели Митко Јанчев.
Тој беше сменет од потпретседателското место во најголемата опозициска партија веднаш по изненадувачкиот пресврт во Собранието и гласот на седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (плус еден од Социјалистичката партија) за Преспанскиот договор. Разрешувањето беше објаснето со дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев, како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени, при што биле користени најниски методи.
Всушност, недоразбирањата меѓу него и Христијан Мицкоски, односно другите водечки луѓе во партијата кулминираа откако Јанчев јавно се заложи ВМРО-ДПМНЕ да учествува на референдумот за името, па макар и со гласање против договорот со Грција што беше спротивно од тактиката на опозицијата за тивок бојкот.
Точно една година подоцна, градоначалникот на Кавадарци и натаму е член на ВМРО-ДПМНЕ, но и натаму е со истите ставови, пред сѐ кога е во прашање евтоинтеграцијата на нашата земја.
Неговото име честопати се споменува во контекст на формирање нова политичка партија, во која би имало место и за други (поранешни) членови на ВМРО-ДПМНЕ (Никола Тодоров, Сашо Мијалков, Петар Богојески…) што не се согласуваат со начинот на кој што се води партијата.
„Нема вистина во тоа. Во овој момент не размислувам за нова политичка партија“, дециден е Јанчев во изјавата за „Независен весник“.

На шанса и тоа искористена на парламентарните избори, се надеваат и во иницијативата „Твоја партија“, од каде најавуваат оти за кратко време ќе станат важен политички сегмент

„Основачкиот конгрес го закажавме за 7 декември. Оставаме доволно простор и ги повикуваме да ни се придружат сите што се подготвени да работат за да направиме нешто корисно за нашата земјава. Правото и правната држава е нашата црвена линија и за тоа нема остапка. Да ја направиме Македонија пристојно место за живеење е голема задача, можеби и невозможна, но не се откажуваме“, вели адвокатот Александар Тортевски, иницијатор на „Твоја партија“.

Во следниот период ќе биде утврдена платформата, статутот и моделот на организацијата. Како приоритет се наведуваат екологијата и економијата. Во партијата нагласуваат дека ќе се обидат да го придобијат најдобриот кадар во земјава и нема да примаат пари од донатори.
„Сметаме дека има и тоа како место за партија што ќе биде исклучително во центарот, подеднакво оддалечена и од едните и од другите. Според проценките, се надеваме и посакуваме на изборите да добиеме доволно гласови што ќе ни обезбедат од пет до десет пратеници во парламентот“, ни изјави Тортевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.10.2019 - 09:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега