Ставрески: Имаме година на заздравување на економијата - растот на БДП ќе биде околу 3%

Тековната 2013 година е успешна економска година во која се очекува растот на БДП да биде околу 3 проценти, рече министерот за финансии Зоран Ставрески на денешното отворање на ФИНЕКСПО 2013.

- Имаме година на заздравување на економијата. Во првата половина имавме раст од 3,4 проценти, а според досегашните податоци се очекува растот во третиот квартал да биде 3%, рече Ставрески во своето обраќање. Тој оцени дека е остварен максимумот со оглед на случувањата во Европа бидејќи, како што рече, Македонија има раст кој е најголем во регионот.

Вицепремиерот истакна дека главни носители на растот беа капиталните инвестиции и извозот на странските директни инвестиции. Тој најави дека македонската Влада и наредната година ќе продолжи со капитални инвестиции за што се предвидени 365 милиони евра и дополнителни 160 милиони евра за патишта. Министерот упати повик до сите македонски фирми да се вклучат во реализацијата на овие проекти.

Тој потенцира дека ќе се поддржат и македонски фирми за да можат да бидат добавувачи на странските компании кои работат во Македонија.

- Ќе се формира работна група, ќе се детектираат 20-30 домашни компании кои имаат потенцијал и со дополнителни вложувања и обука на вработените да го подигнеме технолошкиот капацитет и да можат да бидат добавувачи на странските компании. Тогаш ќе го постигнеме вистинскиот ефект од привлекувањето на странските инвеститори во земјата, рече вицепремиерот Зоран Ставрески. 

12.12.2013 - 12:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега