Стопанска комора:Домашните компании да го сменат пристапот за повлекување што повеќе средства од ЕУ

Стопанската комора на Македонија денеска на прес-конференција истакна дека домашните компании треба да го сменат пристапот за повлекување што повеќе средства од ЕУ фондовите преку учество во европски конзорциуми и истражувачки центри бидејќи на тој начин ќе имаат и можност, резултатите од проектите, евентуалните иновации и истражувања, да ги применат за сопствено развивање и зголемување на конкурентноста.

- Се претпоставува дека најмалку три милијарди евра ќе се алоцираат за малите и средните фирми во рамки на овие програми кои ќе бидат дополнително поддржани и со финансиски инструменти како кредитни линии, гарантни фондови,... Предизвикот за аплицирање, пред се, ќе се бара во конкретно научно истражување, подобрување на индустриската конкурентност, создавање подобри производи, примена на ИКТ, енергетиката, нанотехнологиите, создавањето нови материјали, биотехнологиите,..., истакна Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.

Повиците за ЕУ програмите ќе се објавуваат континуирано, по повеќе во една година.  

- Македонските компании и институции треба да се борат со европските за добивање на проектите што значи дека мора да го задоволат одреденото ниво на квалитет, порача Аризанковска.

Од комплетната финансиска конструкција на „Косме“, 1,4 милијарди евра се предвидени за обезбедување свеж капитал, додека останатите средства се за развивање мрежа на претпријатија и поттикнување на претприемништвото, а „Хоризонт 20 - 20“ со 24,4 милијарди евра ќе поддржува врвна наука, 29,7 милијарди предвидува за општествени предизвици (интелигентна енергија, еко иновации, одржливо земјоделство,...), а 17 милијарди евра се наменети за т.н. индустриско лидерство.

20.01.2014 - 13:56
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа