Сарачини ја пофали Македонија пред 800 бизнисмени од регионот

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска ги презентираше економските состојби на Македонија на вториот по ред Меѓународен економски самит на балканските земји, што се одржува во Бурса, Република Турција. 

Сарачини се обрати пред присутните вицепремиери на Турција и Косово, министри за економија од земјите во регионот, како и пред околу 800 бизнисмени од регионот. тој стави акцент на поволната бизнис клима, реформите кои континуирано се спроведуваат со цел привлекување инвестиции и поволностите кои се нудат Технолошко-индустриските развојни зони. Покрај Сарачини, од Република Македонија на Самитот учествуваа и министерот без ресор Хади Незир и 10-тина претставници на деловните субјекти кои имаа средби со туриските компании, а најголем интерес за инвестирање привлекоа текстилната, автомобилската индустрија, туризмот и енергетиката.

- Република Македонија е привлечна за турските инвеститори пред се поради добрата геостратешка локација и близината до европскиот пазар, стабилната монетарна и макроекономска политика, традиционалната пријателска и културна соработка меѓу двете земји, истакна министерот Сарачини.

Сарачини ги посочи најниските даноци во регионот, поволностите кои постојат во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположивата едуцирана конкурентна работна сила, политиката на заштита на инвестициите, како и поддршката на инвеститорите од Владата на Република Македонија која е бизнис ориентирана како главни причини зошто турските компании треба да инвестираат во Македонија.

Министерот Сарачини, упати покана до турските бизнисмени да ја посетат Македонија и да се запознаат лично со бизнис можностите, и ги спомена веќе успешните бизнис приказни на веќе присутните големи турски инвестиции, меѓу изградбата на деловниот центар „Рамстор“ во Скопје и Тетово, „Зират банка“, односно „Халк банка“,во банкарскиот сектор, компанијата за аеродромски услуги –ТАВ, која стана концесионер на аеродромите во Скопје и Охрид и во наредните 20 години за нивна модернизација планира вложување на околу 200 милиони евра, познатата турска очна болница во Скопје која е една од најсовремените во регионот, компаниите „Суташ“ и „Лимак“, како и последната голема инвестиција од компанијата „Џеваир холдинг“, исто така инвестиција од околу 200 милиони евра.

Тој ги информираше турските бизнисмени дека за промовирање на Македонија како привлечна дестинација за инвестирање, по примерот на најуспешните земји во светот, во Турција се назначени 3 економски промотори, и тоа во Истанбул, во Измир и во Анкара.

На маргините на Самитот министерот Сарачини оствари средби со заменик претседателот на Владата на Република Турција Булент Аринч, како и со сопственици на повеќе големи компании од Турција.

По завршувањето на официјалниот дел од самитот, Сарачини истакна дека овој Самит беше одлична можност и за компаниите од Република Македонија присутни во Бурса да пронајдат стратешки партнери кои ќе овозможат заеднички влез на трети пазари, како што се Азербејџан, Казахстан, Узбекистан и др.

Самитот е во организација на РУМЕЛИСИАД, асоцијација на индустријалци на Турција, во соработка со градот Бурса и Стопанската комора на индустријалците на Бурса, град кој годишно извезува стоки во вредност од над 10 милијарди евра. 

07.02.2014 - 13:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега