Реконструкција или предвремени избори: Како ќе се гаси пожарот во ДУИ

Пожарот кој огнената група го распали во ДУИ може да заврши во неколку различни сценарија. Од целосно смирување на ситуацијата и повлекување на „одметниците“ преку реконструкција на Владата па се до предвремени избори.

Мирно море

Али Ахмети несомнено има голем авторитет во ДУИ и неговиот збор секогаш бил последен во оваа партија. Но тоа беше така се додека ДУИ нижеше победи во средините каде традиционално има големи контингенти на гласачи. Иако партијата нанижа сериозни порази во Гостивар и Тетово и тоа два пати по ред а на последните локални избори го загуби и Скопје, додека Кичево го доби благодарение на доселеници кои организирано ги носеше, статусот на лидерот е во една мини криза. Но и во таква ситуација Ахмети е алфа и омега во ДУИ, па иако се мали шансите за тоа, сепак не треба да се исклучи можноста тој да успее да ги смири разгорените „одметници“ и да ја врати партијата во мирни води. Тоа ќе го знаеме тогаш кога Премиерот на Собранието ќе му го предложи новиот кандидат за министер Ристо Пенов. Кога тоа ќе се случи, ќе имаме јасен сигнал дека во ДУИ ги „закопале секирите“ и дека партијата свири по нотите на лидерот

Реконструкција

Владина реконструкција е прилично возможно сценарио за надминување на кризата во ДУИ. Огнената група не е против коалицијата на СДСМ со ДУИ, туку против кадрите кои ДУИ ги инсталираше во извршната власт. Во таква ситуација, сосема возможен расплет на настаните ќе биде повлекување на Груби и Османи од Владата и предлог на нови кадри од ДУИ, усогласени со крилото на Беџети, Меџити и Џафери. На тој начин, Ахмети ќе ги задоволи барањата на своите сопартијци и прилично брзо ќе ги реши сите проблеми.
Но, во таква ситуација тој ќе треба да се откаже од Груби и да признае еден вид на пораз. Ахмети до сега не си дозволил да остави простор јавноста да помисли дека некој друг освен него може да влијае на одлуките на партијата, но сега е во ситуација во која мора да повлече потег, а еден ваков потег би бил брз излез од проблемите.

Предвремени избори

Веројатно најмалку веројатно сценарио, но сепак не може да се исклучи како можност. Огнената група веќе собра 3 пратеници, а мнозинството на СДСМ и ДУИ нема сигурна поддршка и од поранешниот пратеник на Алтернатива Скендер Реџепи. Кога на ова ќе се додаде и фактот дека пратеникот на СДСМ, Диме Велковски веќе подолг период е во расчекор со партијата станува извесно дека на Владата и фалат пратеници за да може да функционира.
Иако никој од оваа петорка се уште јавно не се изјаснил против Владата сепак, во моментов Ковачевски нема моќ да протне ништо во законодавниот дом, бидејќи без 61 пратеник нема да може да изгласа ниту дневен ред.
Истовремено, веројатно без успех би завршила и иницијатива за гласање на недоверба на Владата бидејќи огнената група барем јавно тврди дека не се залага за организација на предвремени избори. Во таква атмосфера, Собранието би останало во средина и додека околу него се играат политички игри, тоа едноставно нема да може да функционира и тоа не поради блокадата на опозицијата, туку поради блокадата која би ја правело ова крило на ДУИ.
Ако ваквата ситуација потрае, нема да биде изненадување ако се случи Ахмети да биде тој што ќе бара предвремени избори на пролет во обид да го спаси она што може да го спаси пред останатите албански партии во опозиција дополнително да го намалат неговиот политички капацитет кој на последните избори беше ставен под голем знак прашалник.

03.10.2022 - 12:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега