Ревизорски извештај: ЈП за спортски објекти нема евиденција за имот од 32 милиони евра

 


Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата не располага со точни податоци за спортските објекти кои се под негова надлежност и не е извршено запишување во јавните книги што создава ризик од незаконско постапување со државниот имот, констатирале ревизорите при извршената ревизија во ова јавно претпријатие. 

Во ревизорскиот извештај се наведува дека ревизорите не биле во можност да ги потврдат вредностите во Билансот на состојбата затоа што повеќе години наназад не бил вршен попис на средствата, побарувањата и обврските, голем дел од документацијата била изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки, а од јануари 2020 година сметководствената евиденција ја врши надворешен правен субјект без при тоа да постои доказ дека за сите позиции во Билансот, ЈП има предадено поткрепувачка и веродостојна документација за нивната дотогаш утврдена вредност.

- Јавното претпријатие располага со земјиште, градежни објекти, опрема, транспортни средства, средства во подготовка со проценета вредност од 1.971.377 илјади денари, или 31.951.004 евра. За евидентираните земјишта и градежни објекти, ЈП не располага со податоци со кој имот реално располага, нема одлуки на Влада и имотни листови како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост, ниту пак постојат историски податоци за нивната вредност, исправка на вредноста, вредносно усогласување низ годините или извршена процена, се вели во извештајот.

За неисплатените плати кон вработените и неисплатените надоместоци кон членовите на УО во износ од 61.448 илјади денари не биле презентирани одлуки за утврдување и пресметување на платите. Во 2023 година вработени биле четири лица, двајца в.д. директори, а платите и надоместоците долг период се исплаќале преку цесии и асигнации. 

Во однос на обврските кон добавувачите во износ од 32.465 илјади денари, ревизорите утврдиле дека за 30 проценти од нив или 9.890 илјади денари не постои податок за назив на добавувачот поради што не е можно да се утврди нивната основаност и законитост, додека 9.426 илјади денари или 29 проценти од обврските се неплатени обврски за електрична енергија, водовод и канализација, поштенски услуги и сл. 

Ревизорите не биле во можност да потврдат и дека приходите за 2023 година во износ
од 6.212 илјади денари се според сите активни договори.

- Со измени, дополнувања и одложувања на примена на одредбите со кои се укинува ЈП, а надлежностите се пренесуваат на органот надлежен од областа на спортот за објектите од национално значење, како и нивно поништување 13 дена откако влегле во сила, придонеле ЈП и понатаму да работи без законски основ. Основачот на ЈП во континуитет до 2023 година именува директори и членови на УО на ЈП, при тоа, по последното разрешување на членови на Надзорен одбор од 2017 година, ЈП функционира без надзорен орган, се наведува во ревизорскиот извештај.

Во извештајот се обелоденети состојби што се однесуваат на непреземање на мерки и активности за спроведување на законските одредби од страна на Владата и Агенцијата за млади и спорт по укинувањето на ЈП, поради што ЈП се уште опстојува и работи, има активен статус во Централниот регистер, не е решен статусот на вработените, се генерираат нови обврски и загуби од работењето.

Ревизорите укажуваат и на тоа дека треба да се исплатат 78.363 илјади денари по судски спор што ЈП треба да му исплати на закупецот на објектот „Олимписки базен“ во Скопје.

- Обврската произлегува од договор од 2004 година и анекс од 2006 година со кој е продолжен периодот на закуп на објектот до 2035 година и со компензација однапред е признаена и наплатена закупнина за 373 месеци (31 година) во износ од 20.682 илјади денари (336.288 евра) по основ на фактури за вложувања во објектот, кои фактури не и беа приложени на ревизијата, а неизвесно е дали ЈП располага со истите, се вели во извештајот.  

Во извештајот се наведува дека му е укажано на Министерството за спорт и основачот за потребата од утврдување на сите објекти кои биле во надлежност на ЈП и нивниот статус, како и преиспитување на законитоста на сите договори за закуп склучени меѓу ЈП и трети лица со цел преземање на мерки за минимизирање на правните и финансиските ризици и заштита на државниот имот.

24.07.2025 - 11:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега