Шаќири: По преговорите сите сме добитници, освен тие што ја изгубија наставата

Договорот за повисоки плати за вработените во образованието, треба да биде поздравен од сите, вклучително и од опозицијата, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во вечерашното гостување на телевизија „Сител“, по потпишувањето на договорот меѓу СОНК и МОН, според кој, зголемувањето на платите за 15 проценти ќе почне од септемвриската исплата.

 

– Препораките, кои беа предложени од помирувачот, се прифатија и во Министерството за образование и наука и се потпиша договор меѓу сите кои беа вклучени во процесот. За целиот период, како Влада, работевме на повисоки плати во градинките, во средното и основното образование. Во процесот на преговори, освен што се преговараше за повисоки плати во овие 19 дена, ние отворавме дискусија и за потпишување на гранковите колективни договори во делот на образование кои подолг период не се потпишани и стигнавме до заеднички блиски ставови помеѓу двете страни, рече Шаќири.

Тој посочи дека со почетокот на новата учебна година, септември или октомври ќе има потпишување на гранковите колективни договори помеѓу синдикатот и МОН.

– Се согласивме дека ќе има зголемување на плата за 15 проценти почнувајќи со исплата на платата во септември. Исто така се согласивме, претставници на СОНК да бидат вклучени во процесот на подготовка на буџетот за наредна година. Но, ние како Влада подготвуваме нова методологија за пресметка на плати на јавниот сектор. Значи, се работи за методологија која ќе има предвид многу економски индикатори. Кога таа ќе биде готова, јас како министер заедно со претставниците од СОНК ќе ја разгледаме и ќе ги имаме предвид фискалните импликации или податоците во бројки за конкретниот случај за платите во секторот основно и средно образование, нагласи Шаќири.

Шаќири кажа дека во овој процес сите се добитници, освен тие што ја изгубија наставата.

„Велам дека сите сме добитници затоа што имавме можност во овој период на лоша економска ситуација да најдеме решение“, кажа тој.

18.05.2022 - 20:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега