Во Нигерија киднапирани 227 деца


Од училиште во нигерискиот град Курига, вчера (7.03) се грабнати 227 ученици. „Според статистиките кои го направивме заедно со родителите, бројот на грабнати деца од повисоките одделенија изнесува 187, а од пониските – 40“, изјави Сани Абдулахи, наставник во училиштето каде што упаднале вооружени напаѓачи. Киднапирањето се случило непосредно по утринскиот почеток на наставата. Според изјави на наставникот, на член на општинскиот освет и на родителите на киднапираните деца, ова е веројатно најголемото масовно киднапирање деца од училиште од 2021 година. Родителите и жителите на градот сметаат дека недоволната безбедност е причина за грабнувањето.

Полицијата досега не реагираше на прашања во врска со киднапирањето. Гувернерот на покраината Кадуна, Уба Сани, го посети градот Курига и вети дека ќе се заложи за ослободување на децата, но не наведе колку ученици точно се водат како исчезнати.

Амнести интернешнал ги повика нигериските власти да ги доведат учениците на безбедно и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата. Хасан Абдулахи, татко на неколку киднапирани деца, за агенцијата Ројтерс изјави дека локалните чувари се обиделе да се изборат со вооружените напаѓачи, но биле совладани.

Киднапирањата за да се бара откуп не се ретки во северна Нигерија. Последното големо киднапирање на ученици во Кадуна беше пријавено во јули 2021 година, кога вооружени напаѓачи киднапираа повеќе од 150 ученици. Децата беа вратени кај семејствата неколку месеци подоцна, откако тие платија откуп.

08.03.2024 - 14:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега