Бајден ги критикува Тексас и Мисисипи: Неандерталско размислување е одлуката за укинување на маските

Американскиот претседател Џо Бајден ги критикуваше одлуките за ублажување на мерките против Ковид-19 во сојузните држави Тексас и Мисисипи и го нарече ваквото размислување неандерталско во ситуација кога има поголем број смртни случаи од пандемијата на коронавирус, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата наведува дека на новинарско прашање за тоа дали има порака за гувернерите од Тексас и Мисисипи, кои донеле одлука за укинување на обврската за носење маски, Бајден рекол дека тоа е голема грешка и дека сите веќе разбрале колку е важно носењето маски во борбата против вирусот.

„Последното нешто што ни треба е неандерталско размислување – сè е во ред, тргнете ги маските. Заборавете на тоа. Сепак е важно да носите маски”, рече американскиот претседател пред состанокот со пратениците од редовите на демократите и републиканците посветен на борбата против ракот.

Бајден истакна дека зголемената достапност на вакцините е клучна во спречувањето на пандемијата, но дека примената на мерките поврзани со носење маски, миење раце и физичко растојание и натаму е од најголема важност.

„Ројтерс“ известува дека на прашањето за изјавата на Бајден, гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс, за „Фокс њуз“ изјавил дека повеќе немаат здравствена криза во таа сојузна држава и нагласил дека би сакале да видат претседател кој повеќе им верува на Американците, наместо да ги навредува.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега