Јолевски: Горди сме на нашите војници во рамки на мисијата ИСАФ

Министерот за одбрана Зоран Јолевски во рамки на Сеопфатниот регионален министерски состанок, што се одржува во Будва, Црна Гора, вчера имаше обраќање посветено на идната можна соработка на земјите од САД-Јадранската повелба во НАТО мисиите, по завршувањето на мисијата ИСАФ во Авганистан.

Присуството на македонските мировници во Авганистан во рамки на мисијата ИСАФ, нагласи Јолевски, претставува голем национален и регионален придонес во поддршка на авганистанските власти за изградба на демократско, безбедно и просперитетно општество. 

- Досегашниот заеднички придонес во ИСАФ се покажа и докажа како вистински начин за унапредување на регионалната соработка, интензивирање на пријателството меѓу земјите во регионот и бенефит за сите учесници. Заедничкото учество во ИСАФ даде значаен придонес и кон заедничките обуки пред распоредувањето во Авганистан. Оваа пракса беше многу корисна и истата би требало да продолжи преку организирање на заеднички вежби која ќе биде од голема корист за сите земји, рече министерот за одбрана Јолески.

Во рамки на вчерашните состаноци беше потпишана и заедничка изјава на министрите од А-5 во која се истакнува силната поддршка за што поскоро членство на Република Македонија во НАТО, продолжување на соработката во сојузничките операции и мисии, унапредување на регионалната соработка на полето на справување со катастрофи и продолжување на работата во духот на концептот „Паметна одбрана“.

Министерот Јолевски во текот на вчерашниот ден оствари средби и со заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД, д-р Евелин Фаркаш, при што, соопшти денеска МО, биле разменети мислења за новата безбедносна закана која доаѓа од исток под името ИСИЛ, како и со директорот на Центарот за безбедносна соработка, RACVIAC, Бранимир Мандиќ на која се разговараше за идните проекти на овој Центар и продолжување и интензивирање на соработката со Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. 

16.10.2014 - 11:13


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега