„Здравјето е избор“- кампања на Владата за поздрав начин на живот

Под мотото „Здравјето е избор“ Владата ја започна кампањата за подигнување на јавната свест за корисноста од здравата исхрана и здравиот начин на живот, како и применување на физичка активност.

Премиерот Никола Груевски истакна дека преку оваа кампања, Владата сака да ја подигне свеста кај луѓето на повисоко ниво и додаде дека во Македонија има доволен избор на здрава храна која му е потребна на организмот, а може и да се спортува без поголеми трошоци.

Напомена дека е голема важноста за внес на овошје и зеленчук, кое штити од прерана смрт и тешки болести и дека протеините се истотака значајна група во исхраната, а како најдобар избор, премиерот ги посочи рибата и пилешкото месо.

Консумацијата на сол во текот на денот за возрасните луѓе, не треба да биде повеќе од шест грама, а кај децата и помалку, бидејќи според анализите солта го покачува крвниот притисок.

Дебелината, премиерот Груевски исто така ја посочи како глобален проблем кој е пристигнат и во Македонија. Лошата исхрана и недоволната физичка активност придонесуваат за зголемена или прекумерна телесна тежина.

Во Македонија 60,5 отсто од мажите и 47, 8 отсто од жените над 20 години односно 52,8 од вкупното население имаат зголемена телесна тежина, а околу 20 отсто имаат прекумерна телесна тежина. Овој проблем се јавува и кај децата, а главен причинител за тоа е употребата на брза храна.

Една четвртина од храната треба да бидат здрави протеини, една четвртина целозрнести житарки, а дневно треба да се консумираат и по пет различни овошја или зеленчук, не вклучувајќи го компирот.

Физичката активност според премиерот е исто така клучна во концептот на здрава наспроти нездрава храна.

17.10.2014 - 14:37


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега