Една четвртина од населението боледува од некој алергиски ринитис

Во Македонија над 25 отсто од населението боледува од некој алергиски ринитис. Повеќе фактори се причина за порастот на алергии, меѓу кои се аерозагадување пред се со озон, кој е нов аерозагадувач, со ПМ 10 честички, издувни гасови од дизел горивата, дерматитиси, постоењето на разни хемикалии, бои, емулгатори во прехранбените продукти, употребата на хормони и антибиотици во сточарството и генетски модифицираната храна.

Ова денеска го истакна  претседателот на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија д-р Дејан Докиќ, кој учествува на третиот конгрес на тема „Алергиски болести – време е да делуваме“, што се одржува во Скопје.

- Многу полесно е со оние кои боледуваат од алергиски болести и ако се идентификува причинителот лесно може да се справиме со него. Но, постојат и неалергиски варијатни на истите болести, како што се неалергиски ринитис, неалергиска астма, една пречувствителност на кожата, кај кои кога нема причинител многу е потешко да се лекуваат. Не може да кажеме дека не е излечливо, може да се контролираат симптомите. Преку контрола на симптомите на овие пациенти може да им се овозможи еден квалитетен живот, рече Докиќ.

Појасни дека алергиите се јавуваат кај пациенти со нарушен имунитет.  Кога кој било антиген ќе навлезе во организмот, рече дека предизвикува нормален имун одговор, а кај пациентите со намален имунитет предизвикува абнормален имун одговор наречен алергија.

 

- Треба да се бориме ефикасно за една подобра животна средина. Поединечно пациентите треба да земаат редовно терапија особено во период кога има поголемо загадување и цветање на одредени алергени во воздухот. Да се внесуваат природни продукти, но пациентите кои имаат алергија на полен особено на трева или на корови треба да внимаваат при пиењето чаеви кои содржат треви како што се мајчина душичка, пелин, камилица, како и при употребата на мед, кој кај некои може да предизвика засилување на алергиските симптоми. Кај медот се вградува поленот, а термички не се обработува, додаде Докиќ, кој е специјалист интернист, супспецијалист по пулмологија и алергологија. 

Учесниците на конгресот на тема „Алергиски болести – време е да делуваме“ го дефинираат проблемот на алергиски болести од епидемиолошки аспект, како и од аспект на постигнување заеднички ставови за современа дијагностика и терапија на алергиските болести кај децата и возрасните. 

Конгресот  се одржува во организација на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија и е поддржан од Европската академија за алергологија и клиничка имунологија. Учествува и потпретседателката на Европската академија за алергологија и клиничка имунологија, Јоана Агаче, а се очекува овој состанок да овозможи градење нови и зацврстување на веќе постоечките форми на научна и стручна соработка меѓу македонските алерголози и алерголозите од регионот и од Европа.

Конгресот, на кој има 400 учесници од различни специјалности од Македонија, Албанија, Турција, Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Романија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и од Швајцарија, завршува утре.

МИА

17.10.2014 - 15:43
Фото: 
денешен


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега