Пуштено во употреба ново училиште во општина Могила

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го пушти во употреба новоизграденото основно училиште „Кочо Рацин“ во селото Долно Српци, општина Могила, кое  пред една година беше опожарено и неупотребливо за редовна настава на тамошните ученици.

Реализацијата на овој зафат и обнова на училиштето беа ветени минатата година при посетата на опожареното училиште заедно со премиерот Никола Груевски, а обврската кон граѓаните и учениците сега  е исполнета, посочи Ристовски.

-Пред една година целосно изгоре стариот објект на училиштето. По посетата со премиерот одлучивме да не вршиме реконструкција на стариот објект, туку објектот целосно да се сруши и на истото место да се изгради ново училиште. Согласно ветеното, сега имаме нов објект, наставата непречено се реализира, и затоа сметам дека ова е еден од позитивните примери во насока на исполнување на ветувањата и потребите на граѓаните, истакна Ристовски.

На денешната свеченост по повод пуштањето во употреба на новото општинско училиште „Кочо Рацин“ во селото Долно Српци, беше потврдено дека во училиштето во моментов учат 56 ученици на кои им се овозможени квалитетни и високи стандарди за основно образование.

На новинарско прашање во врска со намалениот број ученици во паралелки на некои основни училишта во Битола, заменик министерот Ристовски рече дека вкупниот тренд на намалување на наталитетот е сериозен проблем со кој Република Македонија генерално се соочува на сите нивоа и во сите општини без разлика на етничката припадност на граѓаните.

- Ние секоја година имаме намалување на бројот на запишани првоодделенци и затоа јасно се покажува политиката на Владата за зголемување на наталитетот и не само од економски аспект, гледано и споредено во однос на бројот на наставниците туку и со севкупниот развој на Република Македонија. Економската оправданост на формирањето паралелки треба да се анализира од друг аспект. Ние максимално и одговорно ќе се фокусираме во тој дел и нема да се доведуваме во ситуација да отпуштаме од работа кого било во оваа сензитивна фаза, и исто така ќе продолжиме да инвестираме во рурални средини. Градиме училишни објекти, градиме и посебни модуларни училишта за 30-50 ученици се со цел да се остане во локалното место и да се влијае врз наталитетот, што значи не би оделе со економската логика туку со долгорочна логика што е неопходна за развој на Република Македонија, одговори Ристовски.

За изградбата на новото основно училиште „Кочо Рацин“ во селото Долно Српци, Министерството за образование и наука вложи 10 милиони денари. 

18.10.2014 - 14:57


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега