Заев: Од Македонија се очекува да се почитуваат демократските процеси

Посетата на високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Могерини е сериозна поддршка на европските перспективи на нашата земја. Среќни сме што ЕУ останува посветена на иднината на Реублика Македонија до полноправното членство во ЕУ, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната средба со еврокомесарката Фредерика Могерини.

Според Заев, разговорите со Могерини биле за претстојните средби во понеделеник со Советот на министри и во четврток со Советот на премиери.

- Од Македонија се очекува пред се да се почитуваат демократските процеси кои се јасно изразена волја на граѓаните на изборите и преточени во парламентарни мандати. Шеесет и седумте мандати се нормален демократски основ за давање мандат за формирање влада, рече Заев. Според него, ако наредната влада покаже резултат во посветеноста на реформите, ЕУ преку своите институции ќе има причини повеќе да се посвети кон обврзување на процесите за почнување преговори со Македонија за членство.

Одговарајќи на новинарски прашања, лидерот на СДСМ изрази надеж дека претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ја преиспита својата одлука, ќе ги почитува демократските процеси и, како што кажа, ќе му го врачи мандатот за формирање влада.

- Во моментот зад овие 67 пратенички мандати стојат приближно 700 илјади гласачи и тоа не можете да го пренабрегнете, едноставно треба да го почитуваме. Причина повеќе е и што стравот од ескалирање на кризата е реално присутен кога имате неразумни политичари во државата, изјави Заев.

Според него, политичката криза во Македонија треба да се реши согласно Уставот и законите, а за пријателски треба да се сметаат изјавите на политичари од меѓународната заедница кои повикуваат на брзо формирање влада, додека се друго, како очекување Македонија да биде без влада, без институции, не може да се смета, дополни Заев, за пријателско однесување кон Македонија.

- Оттука, првиот чекор е Иванов да ја преиспита својата одлука и да ги почитува овие 67 мандати за да може да се придвижат процесите. Давањето мандат не значи со сигурност дека ќе биде формирана влада, но тоа е патот по кој треба да се движат процесите во Македонија, изјави Заев.

Тој не одговори кои се следните чекори на партијата и дали ќе биде иницирано продолжување на првата собраниска седница со формирање комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието. - Ги разгледуваме сите опции. Една е и таа, но пред се се движиме во рамки на она што претставува нормален логичен редослед на постапките, рече Заев, додавајќи дека опциите ќе се земат предвид највнимателно,  од секој можен аспект. 

Има многу причини за да се однесуваме внимателно, истакна Заев, но истовремено и брзо. 

- Ако до недела Македонија нема претседател на Собранието, тогаш нема кој да ги распише овие избори. Според законот, изборите се во првата половина на мај, рече Заев и потенцира дека изборите може да ги распише само претседател на Собранието.  

Според него, ЕУ разгледува и одлуки за враќање на дел од бегалците во последната европска земја, а тоа е Грција што значи дека може да се појават повторно бегалци на нашата граница. - Трета и најголема причина се граѓаните кои очекуваат нормализирање на животот  и институциите, рече Заев.

Лидерот на СДСМ рече дека би отишол на средба со претседателот Иванов само за да се деблокираат процесите во земјата.

- Во кое било време, на кое било место би одел, само да ги одблокираме овие процеси. Се надевам дека тој ќе преспие, дека доволно ќе размисли што е интерес на Република Македонија. Тоа мора да биде нашата одлука како политичари во Македонија. Македонија ден поскоро треба да добие влада, рече Заев по средбата со Могерини.

 

 

 

02.03.2017 - 18:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега