Тадиќ: Оставете ја Македонија сама да си ги регулира односите
Претседателот на Социјалдемократската партија на Србија и поранешен претседател на државата, Борис Тадиќ изјави дека Македонија треба да биде оставена сама да си ги регулира односите, пренесе Б-92. Тој смета треба да биде „спуштена топката“, инаку последиците би можеле да бидат катастрофални.
„Постои тензија помеѓу одделни политичари од Македонија и Србија – размената на крошеа, кажано со боксерски речник. Мислам дека тоа е многу погрешно и во спротиставеност на нашите заеднички интереси. Ние треба да ја „спуштиме топката“ и да дозволиме Македонија сама да ги регулира односите. Секое мешање и секој негативен или погрешен гест од соседни држави, може да биде катастрофален, со оглед на запаливоста на сегашната ситуација“, изјави Тадиќ за агенцијата Бета.
Поранешниот српски претседател рече дека ситуацијата во регионот е опасна, и посебни проблеми предизвикува и тоа дека ЕУ веќе не е толку силна и дека нејзините институции се доведени во прашање.
„Јас навистина би сакал да изразам загриженост за тоа како ќе се развива политичката ситуација во регионот, бидејќи веќе ги нема силите на Европскиот фактор кои ќе ги средат односите на Балканот. Некои политичари од Европа и го поттикнуваат растот на популистичките, демагошки и националистички лидери во регионот“, рече тој Тадиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа