РТС: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се под притисок, СДСМ има мнозинство

Во прилог под наслов „Македонија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ под притисок“, Радиотелевизија на Србија (РТС) денеска извести дека пред почетокот на денешната расправа во уставната комисија во македонското Собрание, 11 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се согласиле да ги поддржат уставните измени и така да обезбедат двотретинско мнозинство.

Владата на Зоран Заев успеала да обезбеди двотретинска поддршка за уставните измени и да избегне вонредни избори, објави РТС повикувајќи се на информации од телевизијата Алсат-М.

Сепак, РТС ги пренесе и тврдењата на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека тие шпекулации се неточни и дека е „малку веројатно некој од пратениците да гласа спротивно на волјата на граѓаните на Македонија искажана на референдумот“.

Наспроти ваквите тврдења од врвот на најголемата опозициска партија, фактите зборуваат дека на референдумот излегоа 666.344 граѓани, од кои 609.427 граѓани, односно огромно мнозинство од излезените, се определија за прифаќање на на Договорот со Грција, поддржувајќи ја владата. Со други зборови, огромно мнозинство од граѓаните ги поддржаа евроатлантските интеграции. За тоа пишуваше и „Вистиномер“, соочувајќи ги изјавите на претседателот Ѓорге Иванов со реалните бројки.

Повикувајќи се на македонски медиуми, РТС наведува и дека одреден број поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се вклучиле во убедување на пратениците на оваа партија да ги поддржат уставните измени.

Претходно, белградска „Политика“, пишуваше дека „новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кампањата се однесувал како пантомимичар, за разлика од претседателот Ѓорге Иванов, којшто, „кога остана осамен, не се скри во својата резиденција, туку од говорницата на Генералното Собрание на ОН ги критикуваше САД, ЕУ и НАТО, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот“.

 

 

 

10.10.2018 - 17:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега