Засилени мерки за контрола на афлатоксинот во млекото и пченката

 

Од март 2013 година на сила се воведените засилени мерки за контрола на афлатоксинот со задолжително лабораториско испитување на пченката и производите од пченка на граничните премини и во внатрешниот промет, како и наредбата за задолжително земање на мостри за испитување на афлатоксин кај увозното млеко и производите од млеко по потекло од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Косово.

Сурово млеко од Република Словенија во земјава не се увезува, односно во Република Македонија од оваа земја се врши само увоз на термички третирано млеко и производи од млеко исклучиво од одобрени објекти, кое во поглед на контрола на присуство на афлатоксин е опфатено со мониторинг програмите на земјата производител-Словенија усогласени со регулативата на ЕУ. Овие пратки се пропратени со ветеринарно здравствен сертификат издаден од страна на надлежните служби.

Млекото и млечните преработки по потекло од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Косово се увезуваат исклучително со ветеринарно здравствен сертификат и потврда за извршено лабораториско испитување  на присуство на афлатоксин со задоволителен наод, издаден од страна на надлежните служби. За пратките за кои не е направено вакво испитување не е дозволен увоз и истите се ставаат под надзор на овластен ветеринар со задолжително земање на примерок за лабораториско испитување. Истите не може да се пуштаат во промет се додека не се добие лабораториски наод дека во истите нема присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволената граница од 0,05 микрограми на килограм утврдени со Правилникот за општите барања за безбедност на храната (Службен весник на Република Македонија бр.118/2005), односно дека се безбедни.

Во рамки на засилените контроли на безбедноста на домашното млеко, од минатата година на сила е и мерката за задолжително испитување на присуство на афлатоксинот М1 во суровото млеко,  од страна на сите млекарници во државава, а производството на млеко е под постојан мониторинг и на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку спроведување на Националниот мониторинг план за контрола на резидуи од ветеринарно медицински препарати и контаминенти кај живите животни и производите од животинско потекло во Република Македонија, кој е одобрен од Европската Комисија. Во текот на целата година се земаат мостри кои ја гарантираат исправноста на млекото. Во досегашните резултати од лабораториските испитувања од спроведениот Национален мониторинг план, не се евидентирани отстапувања при извршените испитувања за присуство на афлатоксин во суровото млеко.

Државниот инспекторат за земјоделство во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство е задолжен да спроведе редовна контрола на евентуална присутност на афлатоксин во сировини од растително потекло меѓу кои и меркантилната пченка во рамките на редовните инспекциски контроли со задолжително испитување на присуство на афлатоксин во акредитирана лабораторија. Во досега извршените лабораториски испитувања на вкупни токсини (афлатоксин) нема отстапки, односно истите се задоволителен наод утврден  во Правилникот за општите барања за безбедност на храната во однос на максималните нивоа на одделни контаминенти (Службен весник на Република Македонија број 102/2013).

Врз основа на воспоставениот интегриран систем на контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе продолжи со активно следење на состојбата.

Со цел обезбедување на максимална заштита на потрошувачите од небезбедна храна, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги засили инспекциските контроли на граничните премини при увоз, по добиените информации дека во соседна Србија е утврдено зголемено ниво на афлатоксин во два од анализираните 426 мостри од ланскиот род пченка, а во Република Словенија, поради појава на афлатоксин над дозволеното во свежо млеко од млекомати во Љубљана и неколку помали населени места.

01.02.2014 - 12:02
Фото: 
телма

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега