Германските бизнисмени ќе дознаат што им нуди Македонија

Премиерот Никола Груевски заедно со економскиот владин тим ќе ги посетат германскиот бизнис центри Дизелдорф и Штутгард, каде ќе го претстават македонскиот модел за привлекување инвестиции и поволностите што им ги нуди македонската Влада на странските инвеститори.

На бизнис форумот кој вечерва ќе се одржи Дизелдорф, кој е организиран во соработка со Фајненшл тајмс, се очекува премиерот Груевски пред присутните да ги посочи предностите што се нудат на инвеститорите како што е најнискиот даночен пакет за водење бизнис во Европа и најповолниот пакет рамни и ниски даноци. Ќе се осврне и на поедноставањето на постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо присутните ќе ги запознаат со реформите, достигнувањата и проектите од повеќе области како што е енергетиката, патната инфраструктура, индустриските развојни зони, туризмот.

Потврда за добрите бизнис услови што се нудат во Македонија е и најавата за проширување на работењето на белгиската компанија „Ванхол“.

Сопственичката на компанијата Бернадет Ванхол вели дека од фабриката во Бунарџик веќе се извезени 90 автобуси во САД, но оти планираат да почнат да пласираат производи и на европскиот пазар.

- Во моментов имаме 450 вработени. Сакаме да растеме и да почнеме да продаваме во Европа. За тоа ни се потребни повеќе вработени, а ќе се обидеме да најдеме и локални снабдувачи, изјави Ванхол.

Таа изрази задоволство од условите што се нудат за инвестирање во Македонија и од поддршката што ја добиваат од Владата.

- Ние сме задоволни и изненадени од Македонија. Дојдовме од Белгија и Македонија ни беше непозната, но сме задоволни од Владата и од луѓето кои се пријателски настроени и се висококвалитетно образовани, рече Ванхол.

Меѓу германските компании кои ги искористија можностите за инвестирање во Македонија се „Дрекслер маер“ и Кромберг и Шуберт, а потврдена е инвестицијата на Макард.

Дизелдорф и Штутгард се избрани за презентација на бизнис можностите поради нивната индустриска развиеност. Дизелдроф е главниот двигател на економијата во Северна Рајна Вестфалија и е еден од центрите на високата технолошка и автомобилска индустрија во Германија, а Северна Рајна Вестфалија е една од најразвиените сојузни држави на Германија.

Околу 27 отсто од сите странски инвестиции во Германија се концентрирани во Северна Рајна Вестфалија. Околу 14.000 странски компании ги водат своите бизниси во Германија или Европа од тука, а 16 од 40 најголеми компании на Германија се лоцирани во овој регион. Присутна е автомобилската индустрија, биотехнологијата, хемиската, прехранбената, нанотехнологијата и енергетиката.

Интензивирањето на економската и политичката соработка со Германија е од особено значење за Република Македонија имајќи го предвид економското и политичкото влијание што Германија го има во Европската Унија и особено влијанието и значајноста кои Германија ги има во Југоисточна Европа.

Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија за 2013. Со Германија се разменува 20 проценти од вкупната трговска размена со светот.

Во рамките на денешната посета  на Дизелдорф претставници на владиниот тим ќе остварат средба и со потпретседателот на Владата и министер за финансии на Северна Рајна Вестфалија Норберт Валтер- Борјанс. 

26.02.2014 - 10:49
Фото: 
vmro-dpmne.org.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега