Весковски ветува мост од Карпош кон Бардовци

Кандидатот за градоначалник на Карпош на коалицијата предводена од СДСМ, Душко Весковски при промоцијата на својата програма истакна дека политиката на социјалдемократите е фокусирана на економскиот развој на Општината.

– Економскиот развој е зависен од инфраструктурата, па затоа акцентот е ставен на инвестиции во неопходната инфраструктура, но не го запоставуваме и бизнис-секторот, како и поттикнувањето на сопствени бизниси. Нашата политика во периодот до 2025 година е фокусирана на економскиот развој на Карпош, преку зголемување на соработката со бизнис-секторот и претприемачите, како главни двигатели на економијата, изјави Весковски.

Тој потенцира дека посветено ќе работи и на создавање можности за вработување и поттикнување на младите за основање сопствени бизниси.

– Развојот на економијата зависи од инфраструктурата и затоа акцентот го ставаме на инвестиции во неопходна инфраструктура, пред сѐ, за дисперзирањето и хуманата планска урбанизација кон Злокуќани и Бардовци. Во таа смисла клучни инфраструктурни проекти се изградба на мостот од улица „Љубљанска“ во Карпош 4, преку Вардар кон Бардовци, како и изградба на клучката кај Момин Поток, кои се реализираат во соработка со Град Скопје, вели Весковски.

Тој акцент става на политиката на хумана планска урбанизација, при што врз основа на темелна анализа, решавање на метежот со паркирање на автомобилите, вклучувајќи воведување зонско паркирање на локациите со голема фреквенција на автомобили.

– Нашата политика во наредните четири години е доследно спроведување на надлежностите на општината, особено редовна реконструкција на општинските улици, кои не биле опфатени со досегашните планови, вклучувајќи поставување и обновување на вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација, како и изградба на велосипедски патеки. Потоа, обновување и проширување на водоводната и канализациската мрежа, преку координација и соработка со јавните претпријатија на Град Скопје, како и редовното одржување и обновување на постојната и поставување нова урбана опрема, истакна Весковски.

Тој во својата програма, меѓу другото предвидува, етапно заменување на сите улични светилки со лед „паметни“ светилки, заради значително подобрување на јавното осветлување, но и за значителни заштеди во буџетот. 

08.10.2021 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега