Владата прогласи Кризна состојба поради состојбите со снабдувањето со парно

 
Владата на денешната 134 седница донесе Уредба за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на топлинска енергија, начинот на снабдување со топлинска енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба.
 
Според оваа Уредба, како што соопшти владината прес-служба, постојаното следење, анализирање и проценување на состојбата на пазарот на топлинска енергија во земјава ќе го врши Комисија за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија која ќе ја формира министерот за економија.
 
Комисијата е предвидено да биде составена од осум члена и тоа по еден претставник од редот на високи раководни функции во Министерството за економија, од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, еден претставник од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и пет претставници од носителите на лиценци на пазарот на топлинска енергија.
Мандатот на членовите на Комисијата изнесува четири години.
 
-Комисијата треба да донесе проценка за кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија врз основа на анализите за настанување на целосно или делумно нефункционирање на дистрибутивниот систем на топлинска енергија предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии, настанување на траен испад на производствени капацитети за топлинска енергија поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, недостиг на топлинска енергија и состојба на пазарот на топлинска енергија, се вели во соопштението.
 
Со Уредбата е утврдено во случај на кризна состојба, во зависност од проценките, да се преземат мерки за постапување во кризна состојба изготвени од операторите на дистрибутивните системи, може да се спроведе ограничување на снабдувањето со топлинска енергија, како и да обезбедат  дополнителни количини на топлинска енергија.
 
Финансиските средства потребни за реализација на мерките се обезбедуваат од сопствени извори на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и/или од Буџетот на Република Северна Македонија во согласност со Законот за управување со кризи и на начин определен во одлуката за прогласување на кризна состојба.  
 
-Мерките што ќе бидат донесени врз основа на Уредбата треба да бидат од привремен карактер и да траат до завршувањето на кризната состојба, да не го надминуваат обемот и интензитетот што е неопходен за отстранување на последиците од кризната состојба, и во најмала можна мера го ограничат или нарушат конкурентното работење на пазарите на енергија во Република Северна Македонија и во Енергетската заедница, се наведува во владиното соопштение. 
14.01.2022 - 20:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега