2023 година на пат да стане најтоплата досега

 

Тековната година е на пат да стане најжешката во историјата, објави службата за климатски промени на Европската унија Коперник, пренесуваат агенциите.

Најтоплиот септември забележан на глобално ниво следеше лето со рекордни температури оваа година, пренесе агенцијата „ДПА“.

Температурите во септември годинава беа за половина степен повисоки од претходниот најтопол септември во историјата и речиси цел степен повисоки од просечниот септември помеѓу 1991 и 2020 година.

„Невидените температури за овој период од годината забележани во септември – по рекордно лето – урнаа нови рекорди“, рече Саманта Бурџис, заменик директор на Службата за климатски промени Коперник. Температурите во текот на 2023 година сега се на пат да бидат 1,4 степени Целзиусови над просечните температури од прединдустрискиот период, рече Бурџис.

Ова е само 0,1 степен под целта поставена со Парискиот климатски договор, кој има императив да го ограничи затоплувањето на 1,5 степени до крајот на векот.

Сепак, септември веќе беше 1,75 степени потопол отколку во прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година.

Мразот на антарктикот, исто така, достигна најниско ниво во септември, покривајќи девет проценти помалку копно од просекот помеѓу 1991 и 2020 година. На Арктикот, морскиот мраз беше на петтото најниско ниво во септември.

Што се однесува до врнежите, во септември сликата беше измешана.

Големи делови од Западна Европа добија повеќе дождови од вообичаено, а имаше и поплави во Грција и Либија како последица на бурата Даниел, циклонот сличен на тропските предели што го погоди Средоземното Море.

Но, другите делови на Европа, САД, Мексико, Централна Азија и Австралија го забележаа најсувиот септември од почетокот на евиденцијата.

Службата за климатски промени на ЕУ, Коперник, редовно објавува податоци за температурата на површината на Земјата, ледената покривка и податоците за врнежите.

Наодите се засноваат на компјутерски генерирани анализи кои вклучуваат милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот.

05.10.2023 - 09:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега