Дождот не ги спречи- Втор ден протести на ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска од 15 до 17 часот одржа протести со блокади на три локации во Скопје и во 10 градови низ земјава, преку кои побара увид во документот од преговорите со Бугарија. На протестот беше истакнато дека македонскиот идентитет, јазик и историја се поважни од се.

Освен во Скопје, партијата организираше блокади и во Штип, Велес, Кочани, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Охрид, Битола и Кичево.

Пратеникот Антонио Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ги организира блокадите поради, како што рече, „нетранспарентноста на власта и тајните преговори кој што двоецот Заев-Бучковски ги води со официјална Софија за сметка на интересите на Република Македонија, а поврзани со договорот за кој што Заев рече дека ги решил сите државни проблеми“.

– Очигледно е дека Заев лажел, Договорот со Бугарија не решил проблеми, туку создава нови проблеми и сега се бараат од Македонија нови отстапки и затоа сметаме дека не треба да се крие од јавноста што се преговара, туку да се соопшти на медиумите и на граѓаните кои се анексите кои што Софија инсистира да бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, рече тој.

Во коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека вратите на МНР се отворени за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Милошоски го повика министерот дојде во Собранието и пред пратениците да соопшти за што преговара со Софија.

– Министерот за надворешни работи, Бујар Османи може во МНР да го покани Никола Димитров за да имаат подобра координација, може да го покани Артан Груби или може да го покани Зоран Заев за да си разговараат за коалициските работи, но како избран од Собранието на Република Македонија, министерот Османи законски има должност пред Собранието да се појави тој и на пратениците како народни избраници да им објасни за што тајно се преговара во Софија и кој го овластил Бучковски да преговара нови анекси на Договорот со Бугарија, рече тој.

09.06.2021 - 17:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа