Нема информации дали Груевски преку видео врска се приклучил на седницата на ВМРО-ДПМНЕ
Седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваше вечерва.
„Станува збор за редовна седница на Централниот комитет на партијата, на која се зборуваше за актуелната политичка и економска состојба. Се реафирмираа ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуети планот на власта, на оската ДУИ – СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ.
Дополнително, се потврди силната кохезија која ја има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата од почеток до крај сите 44 пратеници, а во однос на неприфаќање на уставни измени под бугарски диктат“, соопштија од партијата преку писмено соопштение испратено до медиумите.
„Воедно, падна во вода и тезата која власта ја пласираше години наназад во јавноста дека партијата ја раководат други лица, затоа што различностите се очигледни денес. ВМРО-ДПМНЕ е главен партнер на идната влада која ќе ги донесе промените кои и се неопходни на Македонија, а потоа ќе следи одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија“, се дополнува во соопштението на опозициската партија.
Пред почетокот на седницата на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот премиер Никола Груевски преку фејсбук побара да се вклучи на истата преку видео врска, дали го сторил тоа - информации нема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа