Николовски: Растат платите и пензиите, парите ги враќаме кај граѓаните, наместо да завршуваат на Белизе

Во изминатите две и пол години докажавме дека ако се работи чесно, домаќински и одговорно пари има за граѓаните. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која парите на граѓаните ги крадеше, ги префрлаше на сметки на Белизе, градеше барок и панорамски тркала, СДСМ парите ги враќа кај граѓаните за тие да имаат повисоки примања и подобар економски стандард. 

Ова денеска на прес-конференција го истакна носителот на кандидатската листа на Коалицијата на СДСМ „Можеме“ и генерален секретар на партијата Љупчо Николовски. Вели дека минималната плата е зголемена на 14.500.

До крајот на мандатот ја креваме на 20.000 денари што е дури 120% повеќе од оние срамни 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ. Платите во сите сектори пораснаа и ќе продолжат да растат. Просечната плата до крајот на мандатот ја креваме на 34.000 денари. За две и пол години пензиите пораснаа за речиси 1.800 денари, а ќе има постојан раст и во следните 4 години.  Раст од најмалку 21 отсто ќе има на најниските пензии, а минимална пензија ќе изнесува 10.700 денари до крајот на мандатот. Затоа што пари имало и секогаш има, само треба да се трошат домаќински и во интерес на граѓаните. Додека ВМРО-ДПННЕ ширеше лажни вести и кршеше мерки за заштита ние донесовме три пакети мерки за поддршка на економијата, за спас на работните места и јакнење на приватната потрошувачка, рече Николовски.

Вели дека со домашните платежни картички и со ваучерот за туризам 28 милиони евра се вратени кај 324.000 граѓани за купување домашни производи и посета на домашни туристички центри.

-Тоа е патриотизам на дело, патриотизам кој продолжува уште повеќе, уште подобро. Во следниот период  домашна платежна картичка од 9.000 денари добиваат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, лицата кои се пасивни баратели на работа, стечајните работници и самохраните родители. ВМРО-ДПМНЕ беше против проектот Мој ДДВ, кој се покажа како многу успешен и ефикасен во борбата против сивата економија. Со овој проект за само 3 квартали вратени се 10.7 милиони евра кон граѓаните. Во новиот мандат уште повеќе пари ќе враќаме кај граѓаните, лимитот за повратот на  ДДВ, го зголемуваме од  600 на 800 денари месечно, односно од 7.200 на 9.600 денари годишно, рече Николовски.

Според него, голема е разликата меѓу СДСМ и Коалицијата „Можеме“ и ВМРО-ДПМНЕ.

-Додека ние ги враќаме парите кај граѓаните, тие ги крадат и носат на рајските острови. Додека се грижиме граѓаните да имаат повисоки плати и пензии, тие се против. Ние сакаме економски обезбедени и среќни граѓани, тие сакаат потчинети и уценувани граѓани. Затоа Ве повикувам на 15 јули, почитувајќи ги сите мерки за заштита да излезете на избори и да гласате за опцијата која нуди повеќе пари кај граѓаните и економски просперитет, наспроти враќање на мрачното минато.  Гласањето на 15 јули ќе биде со целосно безбедно и во согласност со претходно утврдените безбедносни протоколи. На 15 јули граѓаните ќе се определат за безбедна и европска иднина, за иднина која млaдите ќе ги задржи тука со нас. Нашата држава ќе продолжи по вистинскиот европски пат, рече Николовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.07.2020 - 18:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега