Јолевски од Будва - Соработката ќе ги зајакне нашите напори за во НАТО

Овде сме не само поради тоа што регионалната соработка ќе ги зајакне нашите напори за членство во НАТО, туку затоа што регионалната соработка ќе ни помогне на сите нас да се справиме со предизвиците со кои се соочуваме, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во своето обраќање за време на Министерскиот состанок  земјите-членки на САД-Јадранската повелба која се одржува денеска, како дел од Сеопфатниот регионален министерски состанок во Будва,Црна Гора.

Во усвоената заедничка изјава на министрите за одбрана на САД-Јадранската Повелба ја реафирмираа силната поддршка на Македонија за членство во НАТО што е можно поскоро. Исто така, го поздравија значајниот напредок на Црна Гора во нејзините реформи за напредок во Евро-атлантската интеграција што резултира со отворен интензивен и фокусиран дијалог со НАТО. Министрите ги поддржаа аспирациите на Босна и Херцеговина за членство во НАТО и ги охрабрија да преземаат натамошни чекори за полно учество во МАП процесот.

Со членството на Албанија и Хрватска во НАТО, се направи голем напредок во однос на стабилноста и безбедноста на Балканот. Република Македонија и Црна Гора се целосно подготвени за членство. Членството во НАТО во блиска иднина ќе ја зајакне визијата за Европа, целосна, слободна и во мир, визија која и покрај денешните предизвици е многу жива.

Соработката во рамките на САД-Јадранската Повелба се развиваше и созреваше повеќе од една декада. Република Македонија како активен промотор на регионалната соработка даде значаен придонес на полето на обрзованието, обуката, развојот на заедничките одбранбени капацитети, до заедничкиот придонес во ИСАФ. Македонија се залага за проширување и продлабочување на регионалната соработка со практични проекти и практична поддршка за земјите од Регионот. Заедно може да се направи и повеќе и подобро.

Министрите за одбрана го истакнаа задоволството за вредноста на работата на Работната група на САД-Јадранската Повелба во креирањето на Меморандумот за менаџирање со кризи од невоена природа. Во тој контекст министрите се обврзаа да го разгледаат меморандумот согласно националните законски процедури.

Регионалните центри за обука беа истакнати како многу корисни заеднички капацитети за обука. Центрите во Македонија, како што се Центарот за односи со јавноста, за медицинска обука, Армискиот полигон Криволак се важен дел од регионалната мрежа на центри. Министерот Јолевски ја истакна подговеноста на Македонија во иднина да го отвори и Центарот за обука на пилоти за регионална употреба, нагласувајќи дека првиот кадет од Црна Гора треба наскоро да ја почне неговата обука. За земјите од Регионот голема вредносдт има школувањето на офицери на Воената Академија на Република Македонија од Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

На маргините на Состанокот на министри, министерот Јолевски оствари билатерални средби со Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зекеријах Осмиќ, и со министерот на косовските безбедносни сили Агим Чеку, при што беше реафирмирана сегашната и идната соработка.

15.10.2014 - 17:21


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега