Попоски разговараше со ЕУ амбасадорите за Извештајот на ЕК

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска одржа редовен брифинг со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ. На средбата беа разгледани актуелности поврзани со евроинтеграциите на Република Македонија, особено во контекст на Стратегијата за проширување и клучните предизвици за периодот 2014-2015 година и Извештајот за напредокот, неодамна објавени од Европската комисија, соопшти Министерството за надворешни работи.

Министерот Попоски, како што соопшти МНР, го потврди ставот дека шестата по ред препорака на ЕК за Република Македонија за отворање на пристапни преговори нуди потврда за оствареното високо ниво на подготвеност за почеток на преговорите и воедно претставува порака до Советот на ЕУ за неопходноста од итен ангажман за надминување на пречката за нивно отварање. Тој порача дека сите забелешки содржани во извештајот за напредокот ќе бидат внимателно анализирани. За дел од нив веќе се одвиваат активности за брзо надминување, додека останатите од подолгорочен карактер ќе бидат преточени во мерки во акциски план на Владата.

- Останува стратешката определба на Македонија за спроведување на ЕУ реформите и надминување на предизвиците, во интерес на Македонија и нејзините граѓани. Од наша страна ќе продолжи работата на областите каде е потребен дополнителен напредок, но истовремено Европскиот совет не би требало да продолжи да ги игнорира препораките на Комисијата, истакнал министерот Попоски на состанокот со амбасадорите на земјите членки на ЕУ.

16.10.2014 - 12:01
Фото: 
денешен


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега