Имплементирани мерки и активности за заштита на животната средина во првите 100 дена од работењето на Владата
Во изминатите 100 дена од работењето, Владата во делот на животната средина имлементирани се низа мерки и активности во насока на продолжување со процесот на приближување кон политиките на Европската унија и развивање на плански и стратешки документи во областите на животната средина, информира ресорниот министер Нурхан Изаири.
Тој на денешната прес-конференција, каде беа презентирани активностите на Министерството за животна средина и просторно планирање во првите 100 дена од работењето на Владата истакна дека треба да се реализираат значителни мерки за воспоставување интегриран систем за управување со отпад, со води и третман на отпадни води, заштита на природата и биолошката разновидност и на воздухот од загадување. Потребно е и воспоставување мониторинг на сите медиуми од животната средина, зголемување на степенот на капитални инвестиции во областа на животна средина, особено во делот на управување со води и отпад и зајакнување на административните структури потребни за обезбедување на ефикасно управување со животната средина.
- Министерството за животна средина и просторно планирање спроведува осум капитални инфраструктурни проекти во областа водоснабдување, а два се планирани за во иднина, додека во областа собирање на отпадни води се реализираат осум и уште три се планирани. За собирање отпадни води во тек е подготовка на проектна документација за два проекти, во тек е изградба на пет пречистителни станици, а планирана е реализација на уште четири, истакна Изаири.
Според него, во тек е изработка на документација за третман на отпадни води на шест проекти и за уште еден се планира. Во тек е и реализација на проекти за управување со води на основа на речен слив, управување со отпад, заштита на природата, воздухот од загадување.
Министерот Изаири информираше и дека повеќе од 60 отсто од општините во Македонија се пријавени за учество во акцијата „Македонија без отпад“ што ќе се одржи в сабота низ цела држава. Тој очекува процентот на општини да се зголеми на над 90 отсто.
- Невладините организации, извидничките одреди и членовите на мировниот корпус се веќе мобилизирани на повеќе локации низ Македонија, а учениците ја собираат старата хартија и пластиката на пунктовите во своите училиштата. Централниот настан на „Македонија без отпад 2014„ ќе се одржи во општина Карпош, на кејот на реката Вардар, рече Изаири.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа