Иванов на отворањето на Форумот Кран Монтана

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Женева присуствуваше на отворањето на 25-тата годишна сесија на Форумот Кран Монтана.

Како што соопшти кабинетот на претседателот Иванов, предвидено е тој утре да се обрати на сесијата „Национална и глобална безбедност“, на тема „Безбедноста на новата европска бизнис дестинација: Балканот и глобалната безбедност“.

Теми на годинешната сесија се глобалната безбедност и ситуациите во Африка, Сахара, Ирак и Блискиот исток, со фокус на Балканот. Покрај македонскиот претседател, на форумот ќе се обратат и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ.

Претходно во Берн, претседателот Иванов одржа средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Дидиер Буркхалтер, на која беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји, во годината кога се одбележуваат две децении од воспоставувањето на дипломатските односи.

За време на престојот во Швајцарија, претседателот Иванов ќе оствари средба со високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Ра'ад Ал Хусеин, а ќе се сретне и со претставници на Форумот на македонските друштва во Швајцарија.

16.10.2014 - 14:42


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега