Маратонците кои трчаат за Тоше стигнаа во Крушево

На вечното почивалиште на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески на Гумење во Крушево денеска пристигнаа 16-те маратонци кои трчаа од Нова Градишка. Маратонот го почнаа на 13 октомври во 6.20 часот, во времето и од местото каде Тоше  трагично загина пред седум години.

- На 13 октомври во 6.20 часот од пред споменикот на Тоше во Нова Градишка стартувавме 16 македонски спортисти и четворица професионални возачи од Владата на Македонија. Преку Скопје, еве денеска на 16 октомври точно напладне, пристигнуваме да му оддадеме почит по 78 часа. Пред седум години Тоше замина од Крушево во Загреб каде со нетрпение го чекавме снимањето на неговиот спот за песната „Игри без граници“, а оттаму со уште поголемо нетрпение чекавме да отиде во Лондон за да го потпише договорот за патот кон светската слава. За жал, тој пат беше трагичен. Тоше беше ѕвезда на земјата, а сега е ѕвезда на небото. Нека му е вечна славата, изјави спортистот Наум Капричевски.

Маратонците беа пречекани со почесна стрелба од седум плотуни колку што  поминаа години откако загина Тоше.

Бројни беа посетителите од сите краишта на Македонија. На неговото вечно почивалиште  во кругот на семејството утрото се одржа помен за Тоше. Потоа,  во Спомен-куќата на Тоше Проески литературната секција од училиштето „Наум Наумовски-Борче“ и ликовните работилници од училиштето „Никола Карев“ цртаа мотиви од спомен-домот. 

Меѓународната фондација „Тоше Проески“ најави дека наскоро ќе бидат издадени нови, досега необјавени песни на Тоше.

- Во фаза на подготовки се неколку нови песни кои беа пронајдени во студиото на Енди Рајт во Англија и ги очекуваме за неговиот роденден, на 25 јануари, изјави  Андреј Николоски, претседател на Фондацијата.

И по три и пол години од отворањето на  спомен-куќата на Тоше Проески, пристигнуваат посетители отсекаде. - Откако е отворена Спомен-куќата, од 25 април 2011 година, до денес ја посетиле преку 200.000 гости од сите краеви на светот, рече Бети Талеска, раководител на „Спомен-куќата на Тодор Проески“. 

16.10.2014 - 15:55


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега