Со Мој Термин се воведува електронско водење на медицинската документација

Со Мој Термин се воведува електронско водење на медицинската документација, изјави денеска на прес-конференција Милан Аризанкоски, проект-менаџер на Националниот систем за закажување прегледи МојТермин, додавајќи дека со тоа во голема мерка ќе се намали административната работа во установите.

- Медицинскиот дневник претставува основна медицинска документација во кој се внесуваат податоци за прегледот на пациентот во здравствените установи. Досега, медицинскиот дневник се водеше на хартиен образец, со рачно внесување на податоците за посетата на пациентот. Сето тоа значеше дополнително ангажирање на вработените во установите, рече Аризанкоски.

Според него, со воведување на Националниот систем за електронска евиденција во здравството, Мој термин, се создадоа услови за електронско водење на медицинскиот дневник. - Ова значи дека податоците кои веќе се внесени во апликацијата која се користи во ординацијата на лекарот или во амбулантата, автоматски ќе се префрлат во електронскиот медицински дневник. Со тоа, во голема мерка ќе се намали административната работа во установите при што се добиваат комплетни податоци за прегледот кој е извршен, појасни тој.

Поради тоа, како што истакна, Министерството за здравство донесе Правилник за видот, формата и содржината на образецот за водење на медицинскиот дневник на сите нивоа на здравствена заштита.

- Со тековната работа во системот за електронски евиденции во здравството Мој Термин или во софтверска апликација која е интегрирана со него, повеќе не е потребно паралелно запишување на медицинските податоци за прегледот во хартиен дневник во здравствената установа, истакна Аризанкоски. 

На овој начин, како што појасни, знаачително ќе се намали обемот на административна работа во приватните здравствени установи, како и во јавните здравствени установи на секундарно и терциерно ниво. 

Во медицинскиот дневник се внесуваат податоци за пациентот, како и податоци поврзани со здравствената состојба и укажаната здравствена заштита. Податоците се структуирани и прикажани во посебен образец кој во првата година ќе се печати и ќе се заверува со потпис и факсимил на лекарот. Во иднина со воведување на дигитален потпис кај здравствените работници, дневникот ќе се води исклучително електронски, без потреба за печатење.

Внесувањето на податоците во медицинскиот дневник го врши лекарот за време на прегледот на пациентот, а воедно ги координира сите активности потребни за гаранција на веродостојноста на податоците, неовластен пристап, промена на податоците и заштита од губење на податоците. На крајот на работниот ден, внесените податоци во системот задолжително се печатат во хартиена форма и истите треба да бидат потврдени со факсимил и печат на докторот. 

- Овој начин заштедува време кај здравствените работници при приемот на пациентите во здравствената установа и нивната реализација на прегледи, односно овозможува времето да биде искористено за медицинскиот дел од прегледот на пациентот, рече Аризанкоски.

Со овој Правилник се опфатени над 9.000 доктори кои работат во јавните и приватните здравствени установи (50 проценти од нив се на примарно ниво, а останатите 50 проценти се на секундарно и терциерно здравствено ниво). 

- Покрај олесувањето на работата во евиденцијата на податоците во дневникот, се олеснува и работата на државниот санитарен и здравствен инспекторат кој согласно законот за евиденции во здравството ја има надлежноста за контрола на внесувањето на податоците како и проверка на веродостојноста на истите, рече тој.

Во контекст на тоа додаде дека сите податоците на сигурен начин се пренесуваат и зачувуваат во едно централизирано место, од каде Државниот санитарен и здравствен инспекторат може да ги извршува своите контроли.

- Докторите што го користат директно Мој термин можат да започнат со користење на електронскиот дневник од нареден понеделник, додека докторите кои користат интегрирани решенија кон Мој Термин се планира да се започнат од 1 ноември. Од 1.1.2015 година, овој начин на водење на медицинската документација станува задолжителен, истакна Аризанкоски. 

18.10.2014 - 13:58


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега