Грујевски доби година ипол затвор, условни за петте вработени во УБК

Една година и шест месеци затвор доби Горан Грујевски во случајот „Тврдина 2“. Пет од останатите обвинети вработени во УБК добија условно една година затвор која ќе се изврши ако во наредните три години го повторат делото. Шестата обвинета од УБК, пак, доби девет месеци затвор кои ќе ги извршат ако во наредните две години го стори делото.

„Тврдина 2“ е прв судски случај што произлегува од „бомбите“ за кој е донесена пресуда, но извесно е дека предметот повторно ќе се врати на судење бидејќи на Грујевски му се судеше во отсуство, па откако ќе биде екстрадиран тој има законско право да побара повторување на постапката.

Предметот се однесува на прикривање докази за нелегалното прислушување односно унiштување на 2.047 службени списи, од кои 22 биле поврзани со прислушувањето, а неколку од документи биле доверливи. Кривичното дело кое СЈО им го стави на товар со обвинителниот акт е фалсификување службена исправа. 

Прво обвинение на СЈО

Обвинителниот акт за „Тврдина 2“, заедно со оној за „шамарите во Општина Центар“, беа првите обвиненија кои СЈО ги поднесе, на 15 септември 2016 година. Според доказите, како што тогаш презентираа од обвинителството, првообвинетиот Горан Грујевски како началник на Петтата управа во УБК, формирал шесточлена комисија за незаконското уништување на документација. Тој присуствуваше на првите рочиште по што избега и му се судеше во отсуство. И Грујевки и останатите шест лица кои ги обвини СЈО на почетокот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Во текот на судењето, сведоци тврдеа дека документите од УБК со две службени возила на МВР се носеле да се запалат во тајната база „Брест“ кај скоското село Петровец. Дел од нив сведочеа дека списите биле сместени во црни кеси и не знаеле каква содржина имаат материјалите што се палеле. За постапката на ништење тие кажаа дека наредбата била дадена од нивните претпоставени, во случајот Грујевски.

Адвокатите од одбраната, пак, во текот на главната расправа тврдеа дека не се уништувале списи поврзани со нелегалното прислушување туку лекарски уверенија, решенија за годишен одмор, записи за поправка на возила итн. Исто така, тие посочуваа дека ако во случајот нивните клиенти треба да сносат некаква одговорност, таа е прекршочна, а не кривична.

Откако Грујевски беше уапсен во Грција, од одбраната бараа и да се одложи судењето на неопределено време за да се почека каква ќе биде одлуката на грчките власти за неговата екстрадиција. Причината за ваквото барање беше што тој повеќе не е недостапен туку се знае неговата локација. Судот им го одби ваквото барање со образложение дека тој сепак е недостапен за македонските органи и оти не се повредува кривичната постапка, а во случај грчките власти да го испорачаат на македонските органи, законот му гарантира на Грујевски дека може да побара повторување на постапката што била во негово отсуство.

Судењето за „Тврдина 2“ продолжи, а пред соопштувањето на денешната пресуда, во понеделникот и обвинителството и адвокатите ги кажаа завршните зборови пред судот.

Судење во Солун, па екстрадиција

Пред очекуваното испорачување на Грујевски до македонските органи кои покрај за овој случај, го бараат како обвинет и во друг предмет, тој ќе слушне уште една судска одлука, но од судот во Солун.

Откако кон крајот на јули судот одреди мерка притвор за него и за Никола Бошкоски, исто така вработен во УБК, како обвинети во друг случај на СЈО, „Таргет-Тврдина“, тие избегаа. Тие беа во бегство речиси четири месеци, по нив се распиша и меѓународна потерница, а беа уапсени на 18 октомври на аеродромот во Солун при обид со фалц бугарски пасоши да пребегаат во Будимпешта. Грујевски со лажен идентитет како Христо Атанасов, а Бошкоски како Неџби Хасан.

Поради тоа им суди и солунскиот суд, веќе два пати беа носени во судница, но судењето се одлагаше поради немањето преведувач од грчки на македонски. Следното рочиште во Солун е закажано за 1 декември.

Во меѓувреме, македонските власти ја комплетираа документацијата и Министерството за правда ги испрати потребните документи за екстрадиција до грчките власти.

 

 

 

08.11.2017 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега