Средба Заев – Блер: „Отворен Балкан“ ѝ покажува на ЕУ дека Северна Македонија, Србија и Албанија се сериозни на европскиот пат

Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, кој на средбата ја истакна како исклучително значајна иницијативата „Отворен Балкан“ и потенцираше дека целите кон кои се стреми овој проект за поврзување на регионот во заеднички пазар и на многу други нивоа ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Македонија, Албанија и Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ. Тој додаде дека „Отворен Балкан” е иницијатива спротивна на националистичките агенди и дека со ова трите земји предводнички јасно и покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат.

-Поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер информираше дека во Скопје доаѓа во име на неговиот Институт за глобални промени кој во својот фокус ја има поддршката за технолошки развој на земјите кои имаат амбиции да бидат компетитивни и да бидат во чекор со технолошки напредните земји. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ја оцени како добредојдена и правовремена посетата на Тони Блер на нашата земја и на регионот, особено во контекст на определбата за забрзана дигитализација на земјите иницијатори на „Отворен Балкан“, како неопходен чекор за остварување на целите на иницијативата. На средбата беше истакната и придобивката што со дигитализацијата може да ја добие Северна Македонија во делот на менаџирање со податоци при справувањето со КОВИД-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет, соопшти владината прес-служба.

Заев и Блер се согласиле дека вакцинацијата е најдобро глобално решение во борбата со КОВИД-19 и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација.

 

24.08.2021 - 12:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега