Дечињата од Чешиново ќе добијат нова детска градинка

Во населеното место Облешево во општината Чешиново-Облешево денеска беше поставен камен-темелник на нова детска градинка во која ќе бидат опфатени децата од предучилишна возраст од ова и соседните населени места.

- Министерството за труд и социјална политика е фокусирано на проекти кои се насочени за подобрување на животот на населението за што инвестираме во повеќе општини. Новиот Центар за ран детски развој кој деновиве го предадовме во Пробиштип е дел од проектите, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на поставување на камен-темелникот на градинката. 

Додаде дека за прифаќање на децата од предучилишна возраст во општина Карбинци во тек е изградбата на градинка, а слична таква се гради и во Оризари, Кочанско.Во населбата Истибање, Виничко, рече министерот Спасов, деновиве ќе ја предадеме новоизградената детска градинка, а во овој дел на државата во Делчево во тек се активностите за изградба на нова детска градинка.

- Во општината Чешиново-Облешево неодамна го предадовме првиот Центар за стари лица, отворивме дисперзирано одделение за вработување, а наскоро ќе отвориме и одделение на Центарот за социјални работи од Кочани, истакна Спасов. 

За градоначалникот на општината Чешиново-Облешево Костадин Личков изградбата на новата детска градинка е од особено значење затоа што на простор од 180 метри квадратни ќе бидат опфатени 50 деца. Градинката е целосно финансирана преку проектот на МТСП за изградба на детски градинки во руралните средини.

17.10.2014 - 13:21


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега