Иванов: Неопходно е почитување на меѓународното право

Забрзано проширување на Европската унија и НАТО, почитување на меѓународното право, интензивна соработка и размена на информации меѓу земјите од Западен Балкан, како и глобален одговор на глобалните предизвици, се чекорите, што, според македонскиот претседател Ѓорге Иванов, треба да бидат преземени со цел надминување на актуелните закани од екстремен национализам и радикализам.

Во своето обраќање на форумот Кран Монтана на тема „Безбедноста на новата европска бизнис дестинација: Балканот и глобалната безбедност", претседателот Иванов повика на интеграција на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, со цел натамошна негова стабилизација. 

- Прво, потребно ни е ширење на зоната на мирот, безбедноста и стабилноста во нашиот регион. За нас, тоа значи забрзано проширување на НАТО. Второ, неопходно е почитување на меѓународното право што ќе овозможи поголема предвидливост во меѓународните односи. Република Македонија предолго го чека заслуженото членство во Алијансата, и тоа поради непочитувањето на резолуциите на Обединетите нации, непочитување на меѓународно преземени обврски и на Пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Трето, забрзана интеграција на Република Македонија и другите балкански држави во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Европската унија си создава проблем на сопствената територија, рече претседателот Иванов во своето обраќање на Форумот Кран Монтана во Женева. 

Претседателот Иванов посочи и на неопходноста од интензивна соработка и размена на информации меѓу земјите од западен Балкан со цел утврдување и проценка на безбедносните закани и оперативна координација, како и на потребата од фокусирање на глобалните и регионалните механизми на програми за контрарадикализација и дерадикализација. 

- Сите држави во регионот кои се надвор од ЕУ и НАТО не можеме сами да одговориме на овие предизвици. Имаме ограничени капацитети. Затоа ни се потребни партнери, со кои можеме да изградиме капацитет и да се спротивставиме на екстремен национализам и радикализам. Можеме и мораме да им го одземеме на екстремистичките групи оној ресурс што им е најпотребен – нови регрути, рече претседателот Иванов во обраќањето на Форумот Кран Монтана. 

Во говорот, претседателот Иванов посочи и на македонскиот модел на соживот, како позитивен пример за почитување и прифаќање на различноста. - Од овде, ги повикувам лидерите од сите општествени сфери да се вклучат поактивно во иницијативата каква што е Алијансата на цивилизациите. Верувам, убеден сум дека најдобрата превентива против секој облик на насилен екстремизам и радикализам е токму афирмацијата на филозофијата на почит кон различностите. Ги повикувам лидерите да инвестираат во младите. Неопходно е да ги едуцираме младите во сите мултиетнички и мултирелигиски општества за важноста од дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста, рече претседателот Иванов. 

На Форумот, како специјални гости, покрај македонскиот претседателот Иванов, се обратија и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ и претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ. 

Во фокусот на овогодинешната, 25-та сесија на Форумот Кран Монтана се глобалната безбедност и ситуациите во Африка, Сахара, Ирак и Блискиот исток, со фокус на Балканот.

17.10.2014 - 17:43


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега