Заврши жетвата на сончогледот во битолскиот дел на Пелагонија

Жетвата на сончогледот во битолскиот дел на Пелагонија е завршена, а во завршна фаза е и жетвата на пченката за силажа.

Од подрачната единица на Министерството за земјоделство и шумарство со седиште во Битола информираат дека приносите од сончоглед и пченката за силажа се во рамките на очекуваните количини.

- Собрани се сите количини на сончоглед и притоа регистриравме различни приноси на различни земјоделски површини кои се движат од 1.200 до 2.000 килограми по хектар. Ваквите разлики се резултат на квалитетот на почвата каде бил засаден сончоглед. Различни приноси има и кај жетвата на пченка за силажа чиј просек достигнува 1.800 килограми по хектар. Со оглед  дека временските услови се поволни, денеска ќе почне и жетвата на пченка во зрно, истакна Илија Србиновски, раководител на ПЕ на МЗШВ во Битола.

Во битолскиот дел на Пелагонија завршена е бербата на доматите, пиперките, зелката, компирот и тутунот, а се подготвуваат и земјоделските површини за есенска сеидба.

- За разлика од минатите години кога во Пелагонија имавме од 15.000 до 18.000 хектари под есенска сеидба, овој пат благодарение на владините мерки и поволности во Пелагонија ќе имаме 24.000 хектари земјоделски површини подготвени за есенска сеидба. Тоа потврдува дека земјоделците се мотивирани да ги зголемуваат своите агро-површини, посочи Србиновски. 

20.10.2014 - 11:06


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега